Академијата за судии и јавни обвинители, денес (17 септмври) организираше обука на тема: „Менаџирање на конфликтни и непријатни ситуации“ која се одржа во просториите на Апелационен суд Штип.
Обуката беше наменета за судските и јавнообвинителските службеници од апелационото подрачје Штип, а истата ја спроведоа: д-р Благица Ваниќ, професор на Универзитет Американ Колеџ – Скопје, Одеел за психологија психолог, психотерапевт и Бранка Дадасовиќ, психолог – семеен психотерапевт
Обуката беше организирана со цел унапредување на комуникациските вештини на вработените и нивно оспособување за поконструктивно и професионално справување со конфликтни и стресни ситуации во работната средина. Во текот на обуката беа обработени основите на комуникацијата, активното слушање, асертивното изразување, препознавањето на невербалната комуникација, како и најчестите причини и пречки за настанување и ескалација на конфликти.

Посебно внимание беше посветено на разликувањето на конструктивните и деструктивните конфликти, навременото препознавање на конфликтните ситуации и примената на техники како активно слушање, STAR методот, поставување отворени прашања и издвојување на личноста од проблемот.
Со реализацијата на обуката се очекува стекнатите знаења и практични вештини учесниците да ги применуваат во секојдневното професионално работење, особено при комуникација во ситуации на несогласување, притисок и зголемена напнатост. Очекувано е обуката да придонесе кон подобро препознавање и навремено разрешување на конфликтите, намалување на деструктивните ефекти од нивната ескалација, подобро управување со стресот и сопствените реакции, како и развивање поконструктивен пристап во меѓучовечките односи. На тој начин, обуката има за цел да придонесе кон подобра комуникација, професионална соработка и создавање поподдржувачка и попозитивна работна средина, со повисоко ниво на задоволство кај вработените.

