Академијата за судии и јавни обвинители согласно Каталогот за обука за 2026 година, денес (1 јули 2026 година) спроведе обука на тема: „Спорови кои произлегуваат од материјални и правни недостатоци кај договор за продажба, спорови кои произлегуваат од договор за дар, причини за раскинување и отповикување на дарот“, која беше наменета за судии и стручни соработници од граѓанските оддели од судовите од сите апелациони подрачја.
Обуката ја спроведоа: м-р Маја Маркова, судија на Врховниот суд на РСМ и м-р Ерол Абдулаи, судија на Основниот граѓански суд Скопје.

Целта на обуката е да се лоцираат актуелните правни дилеми и спорни прашања, заради усогласување на судската пракса при одлучување во споровите кои се поврзани и произлегуваат од договор за продажба и договор за дар.
Во рамки на обуката беше извршена анализа на позитивно-правната рамка со која нормативно се уредени облигационо-правните институти – договор за продажба и договор за дар, со осврт на практичната примена која е релевантна при постапувањето на судот по тужбите поврзани со предметните договори. Притоа, посебен акцент беше ставен на споровите кои произлегуваат од овие посебни видови договори, а конкретно се поврзани со материјалните и правните недостатоци на договорот за продажба, како и на практичните аспекти кои се однесуваат на судската заштита на правата на договорните страни во врска со недостатоците на договорот за продажба. Излагачите на оваа обука се осврнаа и на споровите кои произлегуваат и се поврзани со договорот за дар, со фокус на причините за раскинување и отповикување на дарот од страна на дародавачот.

