Реализирана обука за „Заштита на честа и угледот во контекст на правото на слобода на изразување од членот 10 од ЕКЧП“

DSC_0835

Академијата за судии и јавни обвинители успешно реализираше обука посветена на „Заштита на честа и угледот во контекст на правото на слобода на изразување од членот 10 од ЕКЧП“ која се одржа на 28 април 2024 година  во просториите на Академијата.

Обуката беше наменета за судии и стручни соработници од граѓански оддели од апелационо подрачје Скопје, а истата ја спроведоа: м-р Александар Шопов, судија на Апелационен суд Скопје, Драган Петрушевски, судија на Основен граѓански суд Скопје и Лазар Сандев, адвокат..

Обуката  прикажа продлабочен приказ на односот меѓу заштитата на честа и угледот како аспект на правото на приватен живот од членот 8 од Европската конвенција за човековите права (ЕКЧП) и слободата на изразување загарантирана со членот 10 од Конвенцијата. Овој баланс претставува едно од најсложените прашања со кои се соочуваат националните судови, особено во ера кога стратегиските тужби против јавното учество (СЛАПП) стануваат сè почеста алатка за замолчување на новинари, активисти, академици и други учесници во јавниот дискурс.

Целта на обуката беше преку анализа на стандардите и гледиштата на Европскиот суд за човекови права и Препораката CM/Rec(2024)2 на Советот на Европа, учесниците да се стекнат со практични знаења за примена на тестот на пропорционалност, да умееат да ги разграничуваат фактичките тврдења од вредносните судови, да умеат да го оценат јавниот интерес и ширината на прифатливата критика, рано да ги препознаваат очигледно неосновани тужби за навреда и клевета, да ги идентификуваат обележјата на СЛАПП тужбите и да се запознаат со разликите на легитимните барања за заштита на честа и угледот.