Академијата организираше обука на тема: „Административно постапување со предмети, електронска достава, тонско снимање и водење записници“

DSC_0626

Академијата за судии и јавни обвинители, денес (12 март 2026 година) организираше обука на тема: „Административно постапување со предмети, електронска достава, тонско снимање и водење записници“, наменета за дактилографи од граѓански оддели и службеници од писарница.

Обуката ја спроведоа: м-р Борче Мирчески, судски администратор во Основен суд Охрид и г-а Мери Гичева, судија во Основен суд Штип

Со оваа обука учесниците се запознаа со административното постапување по предмети, начинот на вршење електронска достава, тонското снимање како и начинот на водење на записник при тонско снимање .Обуката „Административно постапување со предмети, електронска достава, тонско снимање и водење на записници“ ги опфати одредбите од Судскиот деловник кои се однесуваат на постапување по предметите од нивното формирање до нивното архивирање, односно до експедирање на судската одлука.

Целта на обуката беше судските службеници да се запознаат со правната рамка и со начинот на работа во судските писарници. Во рамки на обуката беше опфатен целиот процес на постапување со предметите – од приемот на писмената во судот, нивното скенирање и образување на судски предмети, до пописот на списите, комуникацијата со странките, автоматската распределба и прераспределба на предметите, сè до нивното предавање во работа на судиите.

Дополнително, беше посветено внимание на постапувањето на судските службеници по наредба на судијата, закажувањето на рочишта, доставувањето на списи до повисок суд, како и на општите правила за достава на писмена, со посебен осврт на електронската достава. Воедно, беа обработени и теми поврзани со тонското снимање на рочиштата и водењето записник при тонско снимање.

Посветувањето внимание на овие прашања придонесува кон создавање добро информирана, едуцирана, ефикасна и ефективна судска служба.