Академијата реализираше советување на тема: „Судска заштита во извршувањето: приговор против незаконитости, одлагање и определување на лимит во извршувањето врз имот на РСМ, државни органи и јавни институции“

DSC_0634

Академијата за судии и јавни обвинители денес (12 март 2026 година) во просториите на Академијата организираше советување на тема: „Судска заштита во извршувањето: приговор против незаконитости, одлагање и определување на лимит во извршувањето врз имот на РСМ, државни органи и јавни институции“, на кое учествуваа судии и стручни соработници од граѓанските оддели на судовите од сите апелациони подрачја.

Професионалните искуства со присутните на ова советување ги споделија: м-р Катерина Георгиевска, судија на Врховен суд на РСМ и м-р Александар Шопов, судија на Апелационен суд Скопје кои имаа презентации на теми поврзани со темата на советувањето.

На советувањето беше презентиран преглед на правните средства кои овозможуваат судска заштита според Законот за извршување, со посебен осврт на приговор за незаконитости при извршувањето и разликите помеѓу правото на приговор и правото на тужба, одлагање на извршување, против извршување и определување на минимум средства над кои нема да се спроведува извршување врз сметката на должникот – Република Северна Македонија, јавните претпријатија и единиците на локалната самоуправа, кои се неопходни за вршење на неговата дејност, со фокус на релевантни прашања поврзани со практичната имплементација на актуелниот Закон за извршување, дилемите во неговата примена и анализа на судската пракса. Покрај тоа, беше посветено внимание и на одлуките на ЕСЧП кои се релевантни за темата и нивното влијание врз примена на Законот за извршување.

Целта на советувањето беше да се отвори дискусија за дилемите кои произлегуваат од судската пракса во судските постапки кои се поврзани или произлегуваат од извршувањето и преку размена на искуства од подрачјата на различни апелациони судови, да се придонесе за воедначување на судската практика.