Во просториите на Управниот суд во Скопје, на 11 јуни 2026 година, Академијата за судии и јавни обвинители спроведе обука на тема: „Управно судски спорови од областа на приватизација на градежно земјиште во државна сопственост и одлучување во полна јурисдикција за правата од пензиско и инвалидско осигурување“ на која учествуваа судии и стручни соработници од Управниот суд и од Вишиот управен суд, како и претставници од релевантни институции.
Обуката ја спроведоа: м-р Анета Џигерова, судија на Управниот суд на Република Северна Македонија и доц.д-р Едита Насковска, судија на Управниот суд на Република Северна Македонија.
Целта на обуката беше да се унапредат знаењата и практичната примена на законската рамка и судската практика во постапките што се однесуваат на приватизација на градежно земјиште во државна сопственост и остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување. Посебен акцент беше ставен на актуелните прашања и предизвици во управно-судските спорови од овие области, анализата на релевантната домашна и европска судска практика, како и на улогата на управните судови во обезбедувањето ефикасна судска заштита преку одлучување во полна јурисдикција. Преку разгледување на конкретни предмети и правосилни пресуди, учесниците имаа можност да разменат искуства и да придонесат кон поедначена и доследна примена на правото.
Академијата за судии и јавни обвинители и понатаму останува посветена на континуираното стручно усовршување на судиите и стручните служби во управното судство, преку организирање специјализирани обуки насочени кон зајакнување на стручните капацитети, унапредување на квалитетот на судската заштита и придонес кон воедначена судска практика и доследна примена на законите и меѓународните стандарди.

