Советување за „Примена на Законот за спречување на корупција и судир на интереси – јакнење на интегритетот на судиите“

DSC_0282

Во рамки на Каталогот за обуки за 2025 година, Академијата за судии и јавни обвинители организираше советување на тема: „Примена на Законот за спречување на корупција и судир на интереси – јакнење на интегритетот на судиите“, кое се одржа денес (11 ноември 2025 година), во просториите на Академијата.

Советувањето беше наменето за судиите од сите апелациони подрачја и претставници на Државната комисија за спречување на корупција,а истото го спроведоа: Софија Медарска, член на ДКСК и Владимир Георгиев, поранешен член на ДКСК, во пензија.

Целта на советувањето беше учесниците да се запознаваат со процесот на донесување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, како една од основните и ексклузивни законски надлежности на Државната комисија за спречување на корупцијата, да се запознаваат со концептот на интегритет на Република Северна Македонија и системот за интегритет во судството, судирот на интереси во смисла на одредбите од ЗСКСИ, како и со постапката пред Државната комисија за утврдување судир на интереси.

На советувањето се говореше и за пријавувањето на имотна состојба како одраз на интегритет и отченост во вршењето на службената должност. Експертите на денешното советување ја образложија и дистинкцијата помеѓу транспарентноста наспроти приватноста, а се осврнаа и на постапувањето во однос на анкетните листови – согласно ЗСКСИ, пришто беа посочени и конкретни препораки на ГРЕКО за судир на интереси и отчетност во поглед на судиите, Конвенцијата TROMSO (Council of Europe Convention on Access to Official Documents), Конвенцијата 108+ на Советот на Европа. Имајќи го предвид значењето на судската пракса, експертите презентираа и одлуки на Европскиот суд за човекови права.