
Академијата за судии и јавни обвинители и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, денес (11 септември 2025 година), во просториите на Академијата организираа обука за сајбер криминал и дигитална форензика со која беа опфатени судии од кривичните оддели и јавни обвинители кои постапуваат во предмети поврзани со сајбер криминалот.
Обуката е дел од планираните активности за тековната 2025 година помеѓу Академијата и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
За најновите глобални трендови и меѓународни стандарди во сајбер криминалот, националниот контекст и за дигиталната форензика во пракса на обуката своите искуства со присутните ги споделија: Искра Хаџи – Василева, јавен обвинител во Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција на Северна Македонија, Маја Јованова, инспектор, Управа за финансиско разузнавање и меѓународниот експерт Борис Мајлат, виш јавен обвинител во Специјалното јавно обвинителство за високотехнолошки криминал, Србија.
Рапидниот развој на сајбер криминалот кој го прати во чекор развојот на информатичката технологија ја враќа денешната тема во постојан фокус. Под притисок на современите токови во оваа сфера се наметнува и потреба од нови законски решенија кои ќе овозмажат ефикасно спроведување на правдата и процесуирање на случаите на сајбер криминал.