
Директорката на Академијата, Ирина Трајкоска Стрезоски и амбасадорот Килиан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, на 25 март 2025 година, во просториите на Академијата, остварија протоколарна средба на која разговараа за продолжување на соработката помеѓу Академијата и Мисијата на ОБСЕ.
Мисијата на ОБСЕ е силен поддржувач на работата на Академијата, а со тоа и на целокупниот правосуден систем на Република Северна Македонија.
На средбата се разговараше за организирање и спроведување на обуки и други форми на едукативни активности кои ќе бидат дел од програмите на Академијата, а кои ќе бидат поддржани од страна на Мисијата на ОБСЕ.
Според амбасадорот Килиан Вал, професионалната правосудна обука која ја спроведува Академијата е од витално значење за унапредувањето на капацитетите, вештините и знаењата на националните правни професионалци. По однос на темите за обука, на кои треба да се посвети внимание од страна на Академијата, и директорката, и амбасадорот, истакнаа дека е посебно важно да се стави фокус на обуки од областа на истрагите за финансиски криминал, односи со јавноста, како и постапување во случаи на родово базираното насилство, како теми кои стануваат се повеќе актуелни во рамките на земјите – членки на ЕУ.
Директорката на Академијата, го информираше амбасадорот дека Академијата веќе предвидела реализација на обуки од споменатите теми, но секако, со поддршката на Мисијата на ОБСЕ бројот на овие обуки би се зголемил и би ги пресретнал моменталните барања на судиите и јавните обвинители. По однос на темите поврзани со односи со јавност, директорката на Академијата истакна дека истите се навистина барани и поддржани посебно од претседателите на судовите од сите инстанци, како и од јавните обвинители на јавните обвинителства на целата територија.
Амбасадорот Килиан Вал ја потврдите заложбата на Мисијата на ОБСЕ во однос на нашата држава, а тоа е дека транспарентно и независно правосудство е клучно за поддржување на владеењето на правото со кое се обезбедува долгорочно позитивно влијание врз правдата и отчетноста. Секако, сето ова е поврзано и со интегритетот на судиите и јавните обвинители, па оттука Мисијата на ОБСЕ ги поздравува и поддржува сите напори кои се во насока на јакнење на интегритетот на националните професионалци во Република Северна Македонија.
На крајот од средбата, диркторката на Академијата и амбасадорот Килина Вал се согласија дека заедничкото делување и поддршката на Мисијата на ОБСЕ ќе ги повторат успешните резултати од минатото во однос на унапредување на квалитетот и ефикасноста на правосудниот ситем на РСМ преку овозможување на континуирана едукација и експертска помош за надминување на недостатоците или дилемите со кои се соочуваат во својата секојдневна работата судиите и јавните обвинители во Република Северна Македонија.