Одржaна работилница за стратешки комуникации во правосудството-07 април 2025 година

DSC_0955

Академијата за судии и јавни обвинители на иницијатива на првите луѓе на судовите и јавните обвинителства, во просториите на Академијата одржа работилница посветена на градењето стратегии за ефикасно комуницирање со јавноста.

Работилницата ја спроведоа претставници на Image PR која важи за една од најреспектабилните ПР агенции во земјата.

Со концептот на работилницата покрај првите луѓе на судовите од сите инстанци и јавните обвинители на јавните обвинителства, беа опфатени и портпаролите, односно лицата задолжени за односи со јавност.

Имајќи ја предвид потребата од ефикасно управување со комуникациите, посебно, ако се следат последните случувања во правосудството, на оваа работилница беа направени напори да се дадат одговори, но и да се понудат позитивни решенија за начините и методите со кои судовите и јавните обвинителства ќе можат успешно и навремено да комуницираат со јавноста.

Градењето на добра страгегија за комуникација со јавноста, значи вложување во градењето на довербата со граѓаните, која во моментов не е на посакуваното ниво, кога станува збор за правосудството.

Улогата на вработените во создавањето на имиџот на институцијата, поставувањето на кризни тимови, јасно делегирање на надлежности во случаи на криза, тонот и содржината на пораката која се испраќа до јавноста, како да се предвиди кризата и што откако ќе се појави кризата беа само дел од темите кои беа разработени на оваа работилница.

Односите со јавноста и управувањето со кризните комуникации се широка тема, и истата поставува прашања и дилеми за чии одговори е потребна континуирана обука.

Присутните изразија благодарност до Академијата што покажала интерес за спроведување на ваков вид на обуки, посебно, што во напорите да обезбеди квалитет успеала да ги ангажира преставниците на Image PR да ги споделат своите долгогодишни искуства.