На 29 октомври 2026 година, во просториите на Апелациониот суд Битола, се одржа обука на тема „Заштита на честа и угледот во контекст на правото на слобода на изразување од членот 10 од ЕКЧП“, организирана од Академијата за судии и јавни обвинители и проектот „Horizontal Facility за Западен Балкан“. Обуката беше наменета за судии и стручни соработници од граѓанските оддели од апелационото подрачје Битола.
Обуката ја спроведоа г. Александар Шопов, судија на Апелациониот суд Скопје, и г. Лазар Сандев, адвокат, кои преку стручни излагања, анализа на судската практика и практични примери ги обработија клучните прашања поврзани со заштитата на честа и угледот и слободата на изразување како права загарантирани со Европската конвенција за човековите права.
Посебен акцент беше ставен на односот и потребата од воспоставување правична рамнотежа меѓу правото на почитување на приватниот живот од членот 8 и правото на слобода на изразување од членот 10 на ЕКЧП. Во таа насока, беа разгледани стандардите и практиката на Европскиот суд за човекови права, како и Препораката CM/Rec(2024)2 на Советот на Европа, со посебен осврт на примената на тестот на пропорционалност, разграничувањето на фактичките тврдења од вредносните судови, оценувањето на јавниот интерес и границите на прифатливата критика.

Во рамки на агендата, учесниците се запознаа и со феноменот на стратешките тужби против јавното учество (SLAPP), нивното влијание врз слободата на изразување и нивната улога како средство за заплашување и замолчување на новинари, активисти, академици и други учесници во јавниот дискурс. Преку практични примери беа обработени индикаторите за препознавање на СЛАПП тужбите, можностите за рано идентификување на очигледно неосновани тужби за навреда и клевета, како и разграничувањето на ваквите тужби од легитимните барања за заштита на честа и угледот. Дополнително, беше разгледана темата за новинарството помеѓу слободата на изразување и професионалната одговорност, низ призмата на европските стандарди и судската практика.
Целта на обуката беше унапредување на знаењата и практичните вештини на судиите и стручните соработници за правилна примена на европските стандарди при одлучувањето во предмети поврзани со заштитата на честа и угледот и слободата на изразување, со особен фокус на воспоставувањето правична рамнотежа меѓу овие права и препознавањето на стратешките тужби против јавното учество.
Се очекува стекнатите знаења и разменетите искуства од обуката да придонесат кон зајакнување на капацитетите на судиите и стручните соработници, унапредување на квалитетот на судската заштита и доследна примена на стандардите на Европската конвенција за човековите права во домашната судска практика.

