
Во насока на унапредување на јавната перцепција за правосудството, Академијата за судии и јавни обвинители продолжи со реализација на едукативни настани во чии фокус се односите со јавност, односно, процесот на градење на ефикасна и стратешка комуникација помеѓу правосудството и јавноста, претставена преку медиумите.
Денешната обука претставуваше одлична можност за судиите и јавните обвинители, меѓу другото, и да се соочат со сите предизвици кога станува збор за јавен настап, говорење пред камери и давање изјави.
Обуката ја спроведоа: Огнен Јанески, новинар, експерт за јавна комуникација и меѓународен консултант, обучувач и модератор со повеќегодишно искуство во медиуми, јавни настапи и стратешка комуникација и Билјана Бејкова, извршна директорка на НВО Инфоцентар, експертка за односи со јавност и комуникациски стратегии во институционален и граѓански контекст
Во своите презентации и излагања тие се фокусира на основните поими за односи со јавност, јавна комуникација и медиумска перцепција на институциите, со акцент на улогата на правосудните институции во јавниот дискурс. Во рамки на обуката беа обработени прашања поврзани со транспарентноста, пристапот до информации, јавни настапи, одговори во кризна комуникација, како и етичките димензии на соработката со медиумите.
Практичниот пристап и насоките кои искусните излагачи на оваа обука ги дадоа на учесниците беа пропратени со голем интерес. Учесниците ја нагласија потребата од организација и реализација на повеќе вакви обуки. Воедно, новоизбраните судии и јавни обвинители предложија до Академијата, токму вакви обуки, со ваков пристап да бидат дел и од програмата за теоретска настава во почетната обука на Академијата, бидејќи сметаат дека вештините кои денес ги научија многу подлабоко и подетално можат да бидат развиени во период кога слушателите ја следат теоретската настава.