Настан по повод започнување на Проектот за конвергенција на климатската и еколошката правда во Северна Македонија

Slika 1

Expertise France, со финансиска подршка на Агенцијата за развој на Република Франција (AFD) на 19 февруари 2025 година организираше настан по повод започнување на Проектот за конвергенција на климатската и еколошката правда во Северна Македонија. Настанот се одржа во ЕU House во Скопје и на истиот присуствуваа повеќе од 30 експерти кои делуваат во оваа област и кои ги поддржуваат напорите на Агенцијата за успешна реализација на овој проект.

Академијата за судии и јавни обвинители е директен корисник на овој Проект заедно со Школата за магистратура на Република Албанија, како надлежни институции за спроведување на професионална правосудна обука.

На овој настан, Академијата беше претставена од страна на заменик директорот на Академијата, судија, м-р Илир Исени, кој ја искористи дадената прилика да се заблагодари и да го искаже задоволството што Академијата за судии и јавни обвинители ќе биде еден од директните корисници на овој проект, а од која директен бенифит ќе имаат не само судиите и јавните обвинители, туку и граѓаните на Северна Македонија.

Имено, целта на овој проект е да го зајакне пристапот до еколошката правда и ефективното учество на јавноста во прашања поврзани со животната средина во Западен Балкан, се со цел да се усогласат националните правни рамки со европските стандарди согласно Архуската конвенција.

Проектот ќе опфати три компоненти: пристап до еколошката правда, учество на јавноста во носењето на одлуки поврзани со животната средина и ангажирање на граѓаните во еколошката правда.

Под мотото: „Животната средина се сретнува со правдата“, овој проект преку низа активности, кои треба да се реализираат до крајот на месец ноември 2026 година, ќе се обиде да ги поврзе правните практичари од Северна Македонија, Црна Гора и Албанија, и заеднички, преку едукација, да ја унапреди и подигне свеста за еколошката правда.