Академијата ја зајакнува стручноста на јавните обвинители преку обука за правните дилеми при пишување на обвиненија

DSC_0458

Во рамки на Каталогот за континуирана едукација за 2026 година, Академијата за судии и јавни обвинители, денес (04 февруари 2026 година), реализираше обука на тема: „Правните дилеми при пишување на обвиненија“. Обуката се одржа во просториите на Академијата, а на истата учествуваа јавни обвинители и стручни соработници од јавните обвинителства на Република Северна Македонија.

Обуката ја спроведоа:   д-р Фатиме Фетаи, јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје и Анита Поп Методиева, јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Штип, кои преку практични примери и стручен пристап ги обработија клучните аспекти поврзани со изготвувањето на обвинителните акти.

Целта на обуката беше унапредување на знаењата и вештините на јавните обвинители во однос на правилното, јасно и законито формулирање на обвиненија, преку идентификување и надминување на најчестите правни дилеми во практиката. Посебен акцент беше ставен на квалитетот на описот на кривичното дело, соодветната правна квалификација, поврзаноста на меѓу доказите и теоријата на случајот, како и на влијанието на добро подготвеното обвинение врз успешноста на кривичната постапка и судските одлуки.

Учесниците изразија интерес и активно беа вклучени во дискусијата, што укажа на зголемена потреба за понатамошни активности на оваа тема. Ваквиот ангажман ја потврди важноста од отворање на простор за дијалог и понатамошно продлабочување на оваа тема преку организација на нови едукативни настани.