Академијата за судии и јавни обвинители, на 02 февруари 2026 година, во просториите на Академијата, реализираше обука на тема: „Лекарска грешка-кривична и граѓанска одговорност“, имајќи ја предвид зголемената актуелност и чуствителност на ова прашање во судската практика. Обуката беше наменета за судии од кривичните и граѓанските оддели, јавни обвинители, како и судски и јавнообвинителски службеници од сите апелациони подрачја во Република Северна Македонија.
Обуката ја спроведоа: д-р Габриела Гајдова, судија во Апелационен суд Скопје, м-р Јехона Садику, судија во Граѓански суд Скопје и доц. д-р Горан Павловски, експерт од Институт за судска медицина и криминалистика, кои преку стручен и интердисциплинарен пристап ја отворија дебатата за границите на лекарската одговорност, улогата на судовите и потребата од прецизно правно разграничување на различните облици на одговорност.
Во современи услови на висока здравствена култура и зголемена свест кај населението, прашањето на лекарската грешка станува се поактуелно. Јавната перцепција за овој поим често е поедноставена и не секогаш усогласена со медицинските и правните стандарди, особено, имајќи предвид дека медицината не гарантира секогаш поволен исход од лекувањето. Напредокот на медицината, истовремено, отвора нови дилеми за границите на дозволен ризик и за условите под кои влошувањето на здравјето може да се квалификува како лекарска грешка.

Целта на обуката е да се обезбеди јасно и систематизирано разбирање на поимот „лекарска грешка“ во кривично-правен контекст, со посебен осврт на казненото дело „Несовесно лекување болни“ (член 207 од Кривичниот законик). Преку анализа на законските одредби и судската пракса ќе се разгледуваат критериумите за постоење кривична одговорност, разграничувањето од граѓанско-правната и дисциплинската одговорност, надомест на штета во граѓанска постапка, начин на остварување на надомест во граѓанска постапка, како и прашањата поврзани со умислата, небрежноста, соизвршителството и улогата на судско-медицинското вештачење во утврдувањето на вината.

