Академијата за судии и јавни обвинители организраше обука на тема: „Одлучување во полна јурисдикција во управни спорови пред Управен суд“, која се одржа на 13 март 2026 година, во просториите на Управен суд, а истата беше наменета за судии од Виш управен и Управен суд и стручни соработници.
Обуката ја спроведоа: проф. д-р Ана Павловска Данева, Универзитет „Св.Кирил и Методиј“, Правен Факултет „Јустинијан Први“, Скопје и г-ѓа Виолета Илиевска, судија на Виш Управен суд.
Имено, со новиот Закон за управните спорови („Службен весник на Република Северна Македонија“бр.96/19) е дадена не само законска можност туку и право на судијата по одржана јавна расправа на која ќе ги изведе предложените докази да донесе одлука – во управен спор во полна јурисикција. Со донесување на ваков вид на одлука судијата ја превземе во целост улогата на органот, односно се става во улога на орган и донесува одлука каква што бил должен да донесе органот. Со ова се оневозможува постапката да трае во недоглед, односно органот да донесува акт, судот да го поништува и да го враќа предметот по втор пат на повторно одлучување.Од ова произлегува дека е огромно значењето на донесување на ваков вид одлука. Од друга страна за донесување на одлука во спор со полна јурисдикција се бара не само стручно познавање на процесниот, туку и материјалниот закон- односно голем број на подзаконски акти со кои е регулирана соодветна правна проблематика.Секако дека овој вид на одлука е врвот на пирамидата, па оттаму е огромна и одговорноста на секој судија при донесување на ваков вид одлука со кој се става крај на започнатата управна постапка.
Со оглед на горе наведеното секоја обука на оваа тема ќе допринесува за што подобро разбирање на значењето на ваков вид одлуки, кои секако ќе треба да се проучуваат не само од страна на теоретската мисла, туку и од страна на судиите кои ќе треба да донесуваат ваква одлука.

