Академијата реализираше специјализирана обука за новоизбрани судии-поротници

DSC_0487

Академијата за судии и јавни обвинители, согласно своите законски надлежности, на 26 и 27 октомври 2026 година, во просториите на Академијата, реализираше дводневна специјализирана обука наменета за новоизбрани судии-поротници од Основниот кривичен суд Скопје, Основниот граѓански суд Скопје, Основниот суд Дебар и Основниот суд Тетово.

Обуката имаше за цел да им овозможи на судиите-поротници стекнување на основни теоретски и практични знаења од областа на материјалното граѓанско и казнено право, како и запознавање со примената на процесните закони, неопходни за нивно соодветно учество во граѓанските и кривичните судски постапки. Посебен акцент беше ставен на подготовката за професионално, етичко и непристрасно извршување на функцијата судија-поротник.

Програмата на обуката беше реализирана низ пет тематски модули, опфаќајќи општи познавања од областа на материјалното граѓанско право, имплементацијата на Законот за парничната постапка, организацијата и надлежноста на судовите, Етичкиот кодекс, судирот на интереси и антикорупциските мерки, како и теми од материјалното казнено право и казнената политика.

Во рамките на модулите посветени на примената на процесните закони, учесниците се запознаа со практични аспекти на постапувањето во првостепена и второстепена постапка, со посебен осврт на улогата на судиите-поротници во донесувањето судски одлуки. Во делот на кривичната постапка беа обработени новиот концепт на Законот за кривичната постапка, спогодувањето, улогата на судијата на претходна постапка, мерките за обезбедување присуство на лицата, текот на главната расправа, доказната постапка и правилата за изведување и испитување на доказите, признанието на вина, донесувањето и објавувањето на одлуките, како и постапката по жалба.

Обуката ја спроведоа Наталија Донева и Марија Клетничка Марковска, судии во Апелациониот суд Скопје, Ѓорѓи Сламков, професор на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, и Сузана Милевска, судија во Основниот суд Кочани. Преку нивното стручно знаење и практично искуство, учесниците имаа можност подетално да се запознаат со законските решенија и нивната примена во судската практика.

Стекнатите знаења и практични насоки ќе придонесат за посигурно, поодговорно и поефикасно учество на судиите-поротници во судските постапки. Подоброто разбирање на процесните правила, материјалноправните прашања и етичките стандарди ќе овозможи нивно поактивно и поквалитетно вклучување во судењето, со што ќе се поддржат законитото и непристрасното одлучување, заштитата на правата на странките и унапредувањето на довербата во правосудството.