Реализирано советување за судска заштита во извршувањето наменето за судии и советници од Уставниот суд и судии и стручни соработници од граѓанските судови во Северна Македонија

DSC_0634

Академијата за судии и јавни обвинители на 12 март 2026 година, во просториите на Академијата организираше советување на тема:„Судска заштита во извршувањето: приговор против незаконитости, одлагање и определување на лимит во извршувањето врз имот на РСМ, државни органи и јавни институции“. Советувањето беше реализирано во рамки на Меморандумот за соработка склучен помеѓу Академијата за судии и јавни обвинители и Уставниот суд, со кој се предвидуваат активности насочени кон унапредување на стручната соработка и размена на искуства.

На советувањето учествуваа судии и советници на Уставен суд, како и судии и стручни соработници од граѓанските оддели на судовите од сите апелациони подрачја.

Своите професионални искуства и согледувања со учесниците ги споделија м-р Катерина Георгиевска, судија на Врховен суд на РСМ и м-р Александар Шопов, судија на Апелационен суд Скопје, преку презентации поврзани со темата на советувањето.

Во рамки на советувањето беше презентиран преглед на правните средства кои овозможуваат судска заштита според Законот за извршување, со посебен осврт на приговор за незаконитости при извршувањето и разликите помеѓу правото на приговор и правото на тужба, одлагање на извршување, противизвршување и определување на минимум средства над кои нема да се спроведува извршување врз сметката на должникот – Република Северна Македонија, јавните претпријатија и единиците на локалната самоуправа, кои се неопходни за вршење на неговата дејност, со фокус на релевантни прашања поврзани со практичната имплементација на актуелниот Закон за извршување, дилемите во неговата примена и анализа на судската пракса. Воедно, на советувањето беше презентирана и аргументацијата од Решението на Уставниот суд за поведување постапка за оценување на уставноста на член 218 од Законот за извршување која беше изложена од преставниците на Судот.

Посебно внимание беше посветено на релевантните прашања поврзани со практичната примена на Законот за извршување, дилемите во неговата примена, како и на анализа на судската пракса и одлуките на Европскиот суд за човекови права кои се од значење за примена на оваа законска материја.

Целта на советувањето беше да се отвори дискусија за дилемите кои произлегуваат од судската пракса во судските постапки кои се поврзани или произлегуваат од извршувањето и преку размена на искуства од подрачјата на различни апелациони судови, да се придонесе за воедначување на судската практика.