Академијата организираше обука за примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер

logo_asjo_-thegem-blog-default

Согласно Каталогот за континуирана едукација на Академијата за 2026 година, на 16 февруари 2026 година, во просториите на Академијата се одржа обука на тема: „ Примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и начин на постапување по барање на информации од јавен карактер“. Обуката ја организраше Академијата, а истата ја спроведоа Петар Гајдов и Цветан Станоески од Агенција за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Обуката беше наменета за службените лица за посредување со информации од јавен карактер како и за судии и јавни обвинители, со цел да се продлабочат нивните знаења за законските одредби и практичната примена на процедурите при постапување по барањата за пристап до информации од јавен карактер. Преку анализа на конкретни примери од праксата и размена на искуства, учесниците имаа можност да ги разјаснат дилемите поврзани со роковите, исклучоците, тестот на штетност и јавниот интерес, како и правилното водење на постапката за информации од јавен карактер.

Целта на обуката беше да обезбеди подетално и практично разбирање на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, како и да ги унапреди вештините на службените лица во правилна, ефикасна и транспарентна обработка на барањата. Посебен акцент беше ставен на одговорното постапување, доследната примена на законските стандарди и градењето на институционална култура на отвореност и отчетност кон јавноста.

Познавањето на процедурите за постапување по барањата за пристап до информации од јавен карактер е клучно за навремено, точно и соодветено информирање на јавноста. Оттука, Академијата и понатаму, во соработка со Агенцијата ќе продолжи да реализира заеднички активности насочени кон континуирано унапредување на знаењата и професионалните капацитети на лицата задолжени за обезбедување пристап до информации од јавен карактер, во функција на зајакнување на транспарентноста и довербата во институциите.