Академијата за судии и јавни обвинители со обука за техники за менаџирање со стрес за над 50 учесници

DSC_0551

Академијата за судии и јавни обвинители реализираше обука на тема: „Техники за менаџирење со стрес“, која се одржа денес (25 февруари 2026 година) во просториите на Академијата на која учествуваа повеќе од 50 судии, јавни обвинители, стручни судски и јавнообвинителски службеници.

Обуката ја спроведоа: Бранка Дадасовиќ, психолог, семеен психотерапевт и Благица Ваниќ, психолог, гешталт психотерапевт.

Стресот е составен дел од современиот живот. Се појавува во различни форми – преку работни обврски, рокови, меѓучовечки односи, семејни одговорности или лични очекувања. Во умерена количина тој може да нè мотивира, да ја зголеми нашата фокусираност и да ни помогне поефикасно да се справиме со предизвиците. Проблемот настанува кога стресот станува долготраен, кога организмот останува во состојба на постојана напнатост и кога не располагаме со соодветни техники за негово управување.

Обуката имаше за цел да понуди практичен и применлив пристап кон менаџирањето со стресот, преку комбинирање на кратки теоретски осврти со интерактивна работа, лична рефлексија и конкретни техники за саморегулација. Учесниците се фокусираа на разбирање на психолошките и физиолошките механизми на стресот, препознавање на личните и срединските фактори што го поттикнуваат, како и на раните сигнали и сопствените реакции на стресни ситуации. Преку практични вежби беа презентирани техники за намалување на физиолошката возбуда, управување со мисли, емоции и однесување, со посебен акцент на зајакнување на психолошката отпорност, личните ресурси и превенција од хроничен стрес и прегорување во професионалната средина.

Со организирањето на едукативни настани од оваа област, Академијата ја потврдува својата заложба за континуирана поддршка на професионалниот и личниот развој на носителите на правосудните функции, препознавајќи дека психолошката стабилност и отпорност се клучни за ефикасно, одговорно и непристрасно извршување на нивната работа, при што и во иднина ќе продолжи да реализира обуки од оваа област со цел унапредување на благосостојбата и професионалните интегритет во правосудниот систем.