Работилница нa темa: „Судската пракса и безбедноста нa новинарите и медиумските работници“

Здружението на новинарите на Македонија во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители – Павел Шатев организираа работилница на тема: „Судската пракса и безбедноста на новинарите и медиумските работници“. На работилницата учествуваа новинари, судии, адвокати и јавни обвинители кои дискутираа за безбедноста на новинарите, судската пракса во земјата, но и за аспекти од членовите 2,3 и 10 од Европската конвенција за човекови права на Советот на Европа. Исто така, гостин на оваа работилницата беше меѓународниот експерт за човекови права Џорџ Тугуши, кој говореше за улогата на Омбудсманот во заштитата на новинарите.

На работилницата поздравно обраќање до присутните имаше и проф. д-р Наташа Габер Дамјановска, која упати благодараност до сите присутни и до партнерите со чија соработка се реализираше оваа работилница.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски рече дека оваа активност со Академијата се организира со цел зголемување на соработката меѓу новинарите и судиите во интерес на демократијата, доброто владеење и благосостојбата на граѓаните. „Нашите две професии не се исти, односно се сосеме различни, но сепак во секојдневното работење упатени сме едни на други. Затоа е важно да бидеме сојузници во справување со разните предизвици со кои се соочуваме при извршувањето на нашите професионални задачи“, истакна тој.

Според Чадиковски, новинарите можат да овозможат подобра комуникација и поголема транспарентност на судиите со јавноста, а судиите можат да бидат сојузници на новинарите кога одредени центри на моќ користат судски постапки со цел да се замолчи критиката во јавноста. Тој нагласи дека и двете професии се соочуваат со губење на кредибилитетот и независноста. „Затоа, сакаме активна соработка со цел да ги надминеме овие проблеми и да ја вратиме довербата на јавноста во институциите и во новинарството“ рече Чадиковски.
Оваа активност е имплементирана од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во соработка со Академијата за обука на судии и јавни обвинители во рамки на проектот „Безбедни новинари за кредибилни информации“, а е поддржана од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје и Мисијата на ОБСЕ во Скопје