ЗА НЕЗАВИСНО ПРАВОСУДСТВО ПОТРЕБНА Е ЕДУКАЦИЈА, ПОДОБРУВАЊЕ НА СУДСКАТА КУЛТУРА И ПРОМЕНА НА МЕНТАЛИТЕТОТ

DSC_1186-2048x1365

Институтот за демократија (ИДСЦС) денеска (19 октомври) во хотел Хилтон ја одржа завршната конференција на проектот „Премостување на јазот помеѓу формалните процеси и неформалните практики кои ја обликуваат судската култура на Западен Балкан“ на која се дискутираше за предизвиците со кои се соочува правосудството и притоа се дадоа препораки за подобрување на судската култура и судската самоуправа во земјите од Западен Балкан.

Воведни зборови дадоа претседателот на ИДСЦС Марко Трошановски, заменик-министерот за правда во Владата на Република Северна Македонија Агим Нухиу и Барт де Брујн, регионален координатор за владеење на правото на Амбасадата на Кралството Холандија во Србија и Црна Гора.

Трошановски рече дека во регионот на Западен Балкан не е можна промена во судската култура без конкретна и официјална посветеност на принципите на судската независност.

„За време на проектот опфативме четири димензии на судската култура, блиску поврзани со специфични предизвици детектирани од Европската комисија за три земји – Северна Македонија, Албанија и Србија. Во иднина сакаме да се фокусираме на конкретен аспект од судската култура а тоа е слободата на изразување на судиите, бидејќи самоцензурањето се детектира како проблем во многу случаи на судската пракса“, вели Трошановски.

Нухиу потенцираше дека важноста на поделбата на властите, независноста на судството и градењето на судската култура не се само прашања на интегритет туку предуслови за функционирање на државата и остварување на човековите права.

„Северна Македонија е позитивно оценета за правната рамка која ја има и притоа обезбедува средства и инструменти за спроведување на реформи, но тие нема да бидат успешни ако не се направи промена во судската култура. Евидентното е дека едукацијата и обуките се главен начин за промена на судската култура со цел критичко размислување. Размената на искуствата од земјите на Западен Балкан преку овој проект води до заклучок дека сите три земји се соочуваат со големи предизвици, и притоа детектира слаби точки кои што треба да ги надминеме за да бидеме дел од европското семејство со кое што ги делиме истите вредности“, рече Нухиу.

Де Брујн нагласи дека судиите се во центарот на владеењето на правото и додаде дека општеството и економијата може да растат само кога постои судски систем кој ги штити правата на граѓаните и кога судиите на подеднаков начин ги третираат граѓаните.

„Главното сознание од наодите на овој проект е дека е потребна дополнителна работа за транзитирање на менталитетот кон независна и ефикасна судска пракса, како и чинители и институции кои ќе бидат поотпорни на надворешни и внатрешни фактори. Во мали општествата судиите и обвинителите не секогаш се чувствуваат комфорно да работат независно. Образованието е од клучна важност за да се подобри ситуацијата. Свесен сум дека ова не е лесна задача, подобрувањето на владеењето на правото не може да се случи преку ноќ, бидејќи постојат опструктивни сили чија цел е ситуацијата во правосудството да биде статус кво“, смета Де Брујн.

Клучни обраќања на конференцијата имаа Наташа Габер-Дамјановска, директор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Бојан Лапчевиќ, генерален секретар на Академијата за правосудство од Србија и Перикли Захарија, надворешен предавач на Школата за магистранти во Албанија…..

Повеке на следниот линк: https://idscs.org.mk/mk/2022/10/21/%d0%b7%d0%b0-%d0%bd%d0%b5%d0%b7%d0%b0%d0%b2%d0%b8%d1%81%d0%bd%d0%be-%d0%bf%d1%80%d0%b0%d0%b2%d0%be%d1%81%d1%83%d0%b4%d1%81%d1%82%d0%b2%d0%be-%d0%bf%d0%be%d1%82%d1%80%d0%b5%d0%b1%d0%bd%d0%b0-%d0%b5/