Заменик директорот на Академијата за судии и јавни обвинители, судија Илир Исени, како дел од делегацијата на Република Северна Македонија, учествуваше на работниот состанок со делегацијата на Европскиот суд за човекови права, предводена од претседателот на ЕСЧП г. Роберт Спано.

Во своето обраќање пред присутните, претседателот на Европскиот суд за човекови права, г. Роберт Спано, ја нагласи потребата од запознавањето на судиите и јавните обвинители со Конвенцискиот систем, потоа, за важноста од потпишувањето на Протоколот бр.16 од ЕКЧП од страна на Република Северна Македонија, како и улогата на обуките на судиите од РСМ во Европскиот суд за човекови права во Стразбург. Истиот, воедно ја истакна важната улога на Академијата во обучувањето на судиите и јавните обвинители, со цел обезбедување професионално, независно и непристрасно судство.

  

Заменик директорот на Академијата, судија Илир Исени, во своето излагање истакна дека и од страна на ЕСЧП е пропознаена клучната улога на Академијата во правосудениот систем на Република Северна Македонија, дека од создавањето на Академијата во 2006 година до денес, преку почетната обука на идните судии и јавни обвинители, како и во континуираната обука на избраните судии и јавни обвинители, и се дава посебно значење на Европската конвенција за човековите права. Имено, модул 3 од почетната обука се однесува на меѓународното право, со посебен акцент на ЕСЧП и судската практика на ЕСЧП. Исто така, Академијата самостојно и во партнерство со други институции организира настани кои се однесуваат на прашања кои произлегуваат од примената на одредбите од ЕКЧП.