Соопштение во врска со ранг листата слушатели за прием во почетна обука VII-ма генерација (Demo)

Почитувани,

Со ова соопштение се произнесуваме по однос на неодамнешните реакции со кои се соочивме по основ на ранг листата на слушатели на почетна обука во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, која беше јавно објавена на ден 25.06.2020 година.

Како што е познато, во највисокиот акт на државата- Уставот на РСМ, во членот  9, како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија меѓу другите стои: „…..соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа….“.  Во согласност со Уставот на РСМ, е и членот 9 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ (Службен весник на РМ бр.20/2015, бр.192/15, бр.231/15 и бр.163/2018). Бидејќи овој член го уредува принципот на соодветна правична застапеност на општ начин, неговото доуредување е направено преку членот 42-а Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ („Службен весник на РМ“ број бр.  56/2015, бр. 205/2018 и бр.115/19), како и членот 10а од Правилникот за полагање на приемен испит („Службен весник на РМ бр. 77/2015, бр. 195/2015 и бр. 115/2019).

Имено, во ставот 1 од членот 10а од Правилникот за приемен испит, стои дека: „ При селекција на кандидатите за прием во почетна обука во Академијата, без да се нарушат критериумите предвидени со закон, се обезбедува соодветна и правична застапеност на граѓаните кои им припаѓаат на сите заедници во Република Северна Македонија“. Во однос на ова, имајќи предвид дека селекцијата на кандидатите се врши во текот на целата испитна постапка, а од причина што секоја фаза од испитот е елиминаторна, одлуката за утврдување на посебна квота за припадниците на заедниците кои не се мнозинство во РСМ, Управниот одбор може да ја донесе во било кое време во текот на постапката за полагање на приемен испит, а согласно  Уставот на РСМ, Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, Статутот на Академијата и Правилникот за полагање на приемен испит.

Управниот одбор на Академијата, одлуката за утврдување на посебна квота за припадниците на заедниците, ја донесе на седницата одржана на 22.01.2020 година, по конечноста на резултатите од управната постапка, а врз основа на листата на положени кандидати на испитот, како и согласно официјалните податоци добиени од Државниот завод за статистика за процентуалната застапеност на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија согласно последниот попис на населението.

Исто така, Ве известуваме дека јавниот оглас за прием на 60 слушатели во почетна обука во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ (Сл. Весник бр.94/19) беше објавен на ден 15.05.2019 година, а подготвителната настава за кандидатите се спроведуваше во деновите 22 и 23 јуни 2019 година, каде што на кандидатите им беа презентирани сите тековни измени на законските и подзаконските акти, со напомена да се следат сите информации по однос на приемниот испит, објавени на веб страната на Академијата, со што навремено беа запознаени со одредбите од истите и со правното дејство кое тие го произведуваат. Со ова, на кандидатите јасно им беше укажана примената на членот 10а од Правилникот за полагање на приемен испит („Службен весник на РМ бр. 77/2015, бр. 195/2015 и бр. 115/2019). Со донесувањето на членот 10а од Правилникот за полагање на приемен испит е само  појаснета и разработена одредбата од членот 9 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ (Службен весник на РМ бр.20/2015, бр.192/15, бр.231/15 и бр.163/2018), а како што е веќе познато, овој член е во важност од донесувањето на основниот текст на Законот во 2015 година, така што неговата примена во случајот е неизбежна, а одредбата од правилникот истата само ја дообјаснува. Во врска со ова, приложуваме и дека Комисијата за приемен испит одржа седница за административната селекција на кандидатите (прегледување на документите)  на 07.06.2020 година, а измените на Правилникот за полагање на приемен испит, како и Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители, се донесени на 03.06.2019 година.

Во овој контекст, го приложуваме и искуството од претходната 6-та генерација на слушатели во почетна обука, што  покажува дека постои неизбежна примена на членот 9 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ (Службен весник на РМ бр.20/2015, бр.192/15, бр.231/15 и бр.163/2018). Така, Комисијата за приемен испит при утврдување на ранг листата на слушатели за 6-тата генерација, беше принудена да прекине со работа и писмено се обрати до Управниот одбор на Академијата, така што побара донесување на одлука со која ќе се обезебеди одреден број на места за слушатели кои се припадници на заедниците кои се малцинство во РМ, а заради доследна примена на горенаведниот член од Законот. Врз основа тоа, Управниот одбор донесе дополнителна одлука со која го прифати барањето на Комисијата, со што се испочитува принципот на соодветна и правична застапеност на граѓаните од сите заедници во РМ и ја задолжи Академијата да изврши интервенција во подзаконските акти за доуредување на начинот на правична застапеност. Токму одлуката за прием на само 30 кандидати во 6-та генерација слушатели на почетна обука во Аакдемијата, ќе беше против законска и против уставна.

Од овие причини, а како не би се повторило истото несакано сценарио, беа донесени измените во Статутот и Правилникот, со што точно се утврдија механизмите за постапување во обезбедувањето на правична застапеност на сите заедници, при селекција на слушателите во почетна обука, како за оние кои претставуваат најмалку 20% од населението во РСМ, така и за оние од другите заедници.

На крај истакнуваме дека доколку Академијата не ги испочитуваше законските и подзаконските одредби во врска со соодветна и правична застапеност на зедниците кои не се мнозинство во РСМ, токму таквото не постапување ќе претставуваше вистински и единствен основ за поништување на огласот, бидејќи само во тој случај ќе се дерогираше една од темелните вредности на уставниот поредок на РСМ.