Потпишан договор за соработка  помеѓу Академијата за судии и јавни обвинители и Женевскиот центар за управување со безбедносниот  сектор ДЦАФ

Денес (18 ноември 2021 година) во просториите на Академијата за судии и јавни обвинители беше потпишан Договор за соработка помеѓу Академијата за судии и јавни обвинители и Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор ДЦАФ за партнерство во спроведувањето на Програмата за реформи во разузнавачкиот сектор и безбедносниот сектор во Република Северна Македонија (2021-2026).

Договорот го потпишаа директорот на Академијата, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска и директорот на ДЦАФ, амбасадорот Томас Гурбер, а целта е да се дефинира рамката за континуирана соработка помеѓу Академијата и ДЦАФ во спроведувањето на Програмата за реформи во разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Република Северна Македонија (2021-2026) и јакнење на судската компетентност и капацитети за одборување посебни истражни мерки со што ќе се придонесе за зголемена судска независност во Северна Македонија.

На потпишувањето на Договорот присуствуваа и претставниците на ДЦАФ: Дарко Станчиќ, главен програмски менаџер на ДЦАФ, Марк Ремилар, менаџер за програмата за реформи на разузнавачкиот сектор (ДЦАФ) и Кире Бабаноски, национален проектен координатор, оперативен оддел на Дивизијата Европа и Центра    лна Азија.

Имено, ДАЦФ ќе ја поддржи Академијата во јакнењето на нејзините капацитети во организирање на едукативни активности кои ќе се фокусираат на одобрувањето на посебните истражни мерки од страна на судиите. Истовремено, со овие активности нема да бидат опфатени само постојните судии и јавни обвинители туку и слушателите од почетната обука на Академијата. Со овој договор се опфатени повеќе активности како што се: експертски совети и препораки и креирање на модули кои вклучуваат релевантни обврски за човекови права кои ќе ги обезбеди ДЦАФ, понатаму организација на заеднички настани и краткорочни работни посети наменети за судиите и јавните обвинители, истражувања на политиките и законодавството во оваа област и друг вид техничка поддршка која ќе значи развој и унапредување на вештините на судиите и јавните обвинители во однос на изрекувањето на посебните истражни мерки.

 

 

Со цел сите предвидени активности согласно овој Договор да бидат успешно реализирани ќе биде формирана правосудна управувачка група која ќе води грижа рамката на реализација да биде испочитувана и доследно имплементирана.