
Во организација на Академијата за судии и јавни обвинители и Европскиот институт за јавна администрација (ЕИПА), Луксембург, на 17 и 18 септември 2024 година беше спроведена обука на обучувачи за правото на ЕУ, правни истражувања и консултирање на веб бази на податоци на која учествуваа судии, јавни обвинители од сите инстанци и прави практичари од земјата.
Обуката се спроведува како дел од активностите кои се опфатени со програмата на Луксембург за техничка поддршка на Северна Македонија за „Подготовка во пресрет на барањата од Поглавје 23 – Јакнење на правосудството“, која е поддржана од Владата на Луксембург.
По сумираните заклучоци кои произлегоа од обуката на обучувачи која се спроведе во октомври 2023 година, целите на оваа нова програма се следните:
– да се разберат и користат наодите извлечени од евалуацијата на претходните активности за обука;
– да им овозможи на учесниците да дизајнираат, планираат и управуваат со активни сесии за учење на правни теми со фокус на правото на ЕУ;
– да се објаснат правилата на ЕУ за пристап до информации, да се исцртаат најкорисните и
практични информативни ресурси и алатки на ЕУ, како и да се демонстрираат начините како тие можат да се користат со цел побрзо да се стигне до официјални документи, публикации, отворени податоци и други информации за ЕУ.
Обуката се спроведе преку избалансирана комбинација на презентации, прашања и одговори, практични вежби и дискусии, со посебен акцент на активното учество и мултилатерална размена на информации помеѓу учесниците.
Со поздравен говор обуката ја отвори судија, м-р Илир Исени, заменик на директорот на Академијата за судии и јавни обвинители, кој на почетокот ја истакна важноста на темата на обуката за исполнување на еден од клучните критериуми за интеграцијата на нашата земја во ЕУ. Според него, реформите и хармонизацијата на националната легислатива со европското законодавство е процес кој бара постојана посветеност и работа, бидејќи правото се менува во чекор за општествените промени и националните судии и јавни обвинители треба да бидат подготвени, посебно, кога нашата земја ќе стане и официјално земја членка на ЕУ.
„Сето ова се дел од причините поради кои Академијата за судии и јавни обвинители заедно со Европскиот институт за јавна администрација од Луксембург одлучија да се посветат токму на теми од областа на правото на ЕУ, се со цел, да им овозможат на националните правни практичари, да ги идентификуваат, анализираат и пресретнат потребите за изучување на клучните сегменти од оваа област. “- истакна судија, м-р Исени.
За крај тој потсети дека Академијата секогаш e отворена за соработка и поддршка на активности кои ќе ги пресретнат потребите во правосудството.
Обуката ја спроведоа експертите од ЕИПА: Хуан Диего Рамирез-Карденас Диаз, Виш предавач, ЕИПА Луксембург и Питер Голдшмит, поранешен директор на ЕИПА Луксембург и експерт за правото на ЕУ и преговарање.