Работна средба на директорката на Академијата проф.д-р Габер Дамјановска со делегација од Кралството Холандија во рамки на Матра Ролт програмата

DSC_0418

Во рамки на мисијата на делегацијата од Кралството Холандија за спроведување на Матра Ролт програмата, директорката на Академијата, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска, денес (17 јануари 2024 година), во просториите на Академијата одржа работна средба со Lars Burema,  Академијата за локална самоуправа на Хаг, Rick Lawson, Универзитет Leiden, Joeri Buhrer Tavanier, Хелсиншки комитет на Холандија, Sophie van de Meulengraaf, Хелсиншки комитет на Холандија и Арлинда Идризи, амбасада на Кралство Холандија во Република Северна Македонија,

На средбата директорката ја презентираше структурата, организационата поставеност и начинот на работење на Академијата, како и потребите за обуки на теми кои се актуелни за правосудството. Се осврна и на досегашната соработка која Академијата ја има со Кралството Холандија и Хелсиншкиот комитет за човекови права на Кралството Холандија, при што истакна дека како дел од оваа соработка се реализирани низа настани кои покренале голем интерес во судската и обвинителската фела, а поради изборот на темите, учеството на странски експерти и новите техники на обучување овие едукативни настани се едни од најпосетуваните.

МАТРА обуките се спроведуваат уште од 2004 година, финансирани се од Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија и определен број на теми се испорачуваат како обуки со учество на соодветно избрани учесници од институциите во државите од Западен Балкан и Средна Азија.

Со оглед на ограничениот број на учесници од секоја држава, делегацијата која присуствуваше на денешниот состанок ги презентираше темите и распоредот на обуките  кои ќе се реализираат оваа година и  ќе бидат од интерес за целните групи на Академијата, појаснувајќи ги основните правила на аплицирање. Директорката на Академијата истакна дека новиот дизајн на обуките кои ќе се реализираат хибридно, онлајн или со физичко присуство преку повисоки стандарди во однос на ангажманот  на лицата кои ќе бидат селектирани да учествуваат ќе биде исклучително важно за продлабочување на знаењата на правните практичари во нашата земја како и за унапредување на нивните вештини.

 Во насока на продолжување и интензивирање на оваа соработка присутните на состанокот се согласија дека е потребна понатамошна реализација на обуки и едукативни настани, на актуелни теми, со ангажирање на странски експерти, се со цел унапредување и развој на капацитетите на правосудството на Република Северна Македонија.