
Комисијата за хартии од вредност во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители “Павел Шатев” на 1 Декември 2023 година одржаа обука на тема „специфики на управните постапки
во областа на пазарот на капитал од аспект на управното судство и значењето на граѓанското судство за корпоративна и акционерска правда“.
Дискусиите и аргументирањето во стручните расправи по отворените прашања кои се разгледуваа на ова советување даваат придонес при правилната примена на законите за пазарот на капитал во правораздавањето од страна на судовите и од регулаторните органи. Ако законодавецот го создава објективното и општото право, судот и регулаторните органи го создаваат субјективното право, правото на поединецот и за поединецот во конкретниот случај. Затоа, за да се постигне високо ниво на правна сигурност која пак потоа доведува до воспоставување на правна предвидливост и до зголемување на довербата, треба постојано да се работи во насока на зајакнување на соработката на регулаторните и судските органи во ефективната имплементација и наметнувањето на прописите.
На советувањето свои излагања имаа: Д-р Субхи Јакупи – судија во Вишиот управен суд, Д-р Едита Насковска – судија во Управен суд, М-р Наташа Савовска Димитровска – судија во Апелациониот суд Скопје и Мате Стојановски од Комисијата за хартии од вредност.