Заменик директорот на Академијата, судија Илир Исени беше дел од Програмата за размена на ЕЈТН во Солун, Република Грција

Administrative Court_Thessaloniki

Во период од 12 до 16 септември 2022 година, во рамки на соработката помеѓу Академијата и Европската мрежа за правосудна обука (ЕЈТН), заменик директорот на Академијата, судија Илир Исени беше дел од програмата за размена на ЕЈТН и ја посети националната правосудна школа на Грција  која е сместена во Солун, Грција.

Заменик директорот, судија Исени и претставници на повеќе земји од ЕУ и Регионот меѓу кои: Бугарија, Литванија, Естонија, Унгарија, Романија, Чешка, Полска, Белгија и Босна и Херцеговина кои учествуваа на оваа размена имаа можност да се запознаат со правосудниот систем на Грција, да остварат посета на повеќе правосудни институции, одблиску да се запознаат со организацијата и структурата на правосудната школа, но и да разменат искуства со своите колеги, судии и јавни обвинители од сите инстанци за важни теми од областа на правото, правосудството и правото на ЕУ.

 

Добредојде на учесниците им посака новоизбраната директорка на правосудната школа, г-а Анастасија Пападопулу, која заедно со присутните едукатори на школото, ја претставија школата, нејзината организација, поставеноста на школата во правосудниот систем на Грција, а воедно беа презентирани и условите за влез во почетната обука во правосудната школа. На оваа средба, со присутните едукатори на школата се разговараше за правосудниот систем на Грција, по што секој претставник го презентираше правосудниот систем на земјата од која доаѓа. Оваа правосудна школа е слична на нашата Академијата, но истата има и многу интересни разлики кои се наметнуваат како позитивни решенија кои оставаат простор за понатамошно разгледување, а во насока на унапредување на програмата за почетна обука во Академијата.

Учесниците ги посетија Куќата на судот во Солун, во која се сместени Судот од прва инстанца, Апелациониот суд, Јавно обвинителство и Јавното обвинителство од втора инстанца, потоа, управните судови во Солун (Управниот суд од прва инстанца и Апелациониот Управен суд), како и Секторот за Северна Грција – криминалистички истраги во Полицијата на Грција.

Во разговорите со своите колеги, судии и јавни обвинители, беа разменети искуства во однос на надлежносите на овие правосудни институции, разликите и сличностите со правосудните институции на земјите учеснички, а воедно и се дискутираше за решенијата кои им стојат на располагање на судиите и јавните обвинители во надминувањето на недостатоците со кои се соочуваат во својата секојдневна работа.

Како дел од оваа размена беше организацијата на семинарот за Правда по мерка за секое дете, посветена на тема која е мошне актуелна а тоа е азилот, со фокус на азил за малолетните лица, на кој излагања имаа двајца национални судии кои постапуваат по предмети од оваа област, како и организацијата на симулирано судење, на истата тема.

За учесниците беше организирана и посета на Вергина (античката гробница на кралското семејство).

Посетата која заврши на 16 септември 2022 година се покажа како исклучително важна за понатамошниот развој на правосудните институции, посебно, за оние кои се задолжени за спроведување на правосудна обука. Позитивните примери и решенија кои беа дискутирани и презентирани отвораат нови можности кои ќе значат унапредување не само на работата на правосудните институции, туку на целокупниот правосуден систем. Секако, секое од тие решенија треба да ја отсликува актуелната состојба со националното законодавство и да биде во согласност со домашната легислатива. Сите учесници ја отценија програмата како многу корисна, не само од апспект на размената на искуства туку и поради единствената прилика за вмрежување и развивање на понатамошна соработка помеѓу претставниците на различните земји кои учествуваа во оваа програма.