
Денес (18 ноември 2022 година) на претседателката на Институтот за човекови права, г-а Маргарита Цаца Николовска, и беше доделено одликувањето Витез од Редот на Легијата на честа од страна на Амбасадорот на Република Франција во Република Северна Македонија, Н.Е. Сирил Бомгарнтер.
На свечениот чин по повод доделувањето на ова престижно одликување, присуствуваше и проф. д-р Наташа Габер Дамјановска. Станува збор за највисоко одликување на Република Франција кое што г-а Цаца Николовска го доби како заслуга за својот придонес во највисоките инстанции во правосудството во нашата земја и во меѓународните судови-Европскиот суд за човекови права и Уставниот суд на Босна и Херцеговина, како и за нејзиниот придонес кон остварувањето и заштита на човековите права и слободи преку владеење на правото во нашата држава.
Академијата за судии и јавни обвинители е горда што г-а Маргарита Цаца Николовска е дел од истакнатите правни експерти кои во рамки на едукативните процеси, како во почетна така и во континуирана обука,кои ги спроведува Академијата даваат свој личен придонес во насока на унапредување на ефикасноста на правосудниот систем на Република Северна Македонија.