
Академијата за судии и јавни обвинители, во тесна соработка со УНХЦР и Меѓународниот институт за хуманитарно право на Санремо го претставија новиот воведен модул за бегалско право.
Во своето поздравно обраќање, заменикот на директорот, судија, м-р Илир Исени се заблагодари на посветеноста и соработката, пред се на УНХЦР со чија помош Академијата и во минатото реализирала многу едукативни настани од областа на бегалците и азилот.
Според него, исклучително е важно да се спроведуваат вакви едукативни настани бидејќи на овој начин судиите од Управниот/ Вишиот Управен суд пред се, а и останатите правни практичари учат како подобро да ја разберат комплексноста на заштитата на бегалците и специфичниот контекст на Северна Македонија, комплексноста на меѓународната и националната правна рамка, потоа, како да напишат одлуки кои ќе бидат конзистентни со меѓународните стандарди и принципи на човековите права, да ги разберат прашањата кои се поврзани со ранливоста и предизвиците со кои се соочуваат бегалците и како да се намали ризикот од правни грешки и погрешни толкувања кои можат да водат до неправедни постапки.
Воедно, судиите кои се специјализирани во оваа област обезбедуваат поголема промоција на заштитата на човековите права и правата на бегалците. Соодветната обука може да им помогне на судиите да ги имплементираат најдобрите практики во постапувањето со случаите на бегалци, што ќе доведе до поефикасни и поефективни правни постапки. Ова е од корист и за судскиот систем и за вклучените поединци. Кога судиите се добро информирани и фер во нивното постапување со случаите на бегалци, тоа ја поттикнува довербата во правниот систем меѓу бегалците, правниците и пошироката јавност – истакна судија, м-р Исени.
На крајот тој истакна дека Академијата секогаш била активен партнер во реализацијата на сите проекти кои се од полза на правосудството и во таа насока ќе продолжи да се развива и во иднина.
На промоцијата, претставникот на УНХЦР Габриел Гуалано де Годој, рече: „УНХЦР, во партнерство со Меѓународниот институт за хуманитарно право во Санремо, го разви основниот модул за обука за меѓународна заштита на бегалци за Академијата за судии и јавни обвинители. Овој модул сега ќе стане неделив елемент од редовната програма за обука при Академијата. Со тоа што оваа обука ја правиме достапна за ценетите судии и обвинители, преземаме клучен чекор кон зајакнување на специфичните мерки за заштита на бегалците во државата. Сепак, оваа иницијатива не е само образовна; таа дел од градењето кулутра на емпатија и разбирање во правниот систем.“
Модулот Бегалско право е развиен во соработка со Меѓународниот институт за хуманитарно право (International Institute of Humanitarian Law) и Македонско здружение на млади правници/Macedonian Young Lawyers Association, со поддршка од Претставништвото на УНХЦР, а е финансиран од Европската Унија.