
На 23.01.2024 (вторник), во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ Скопје, а во соработка со ДЦАФ – Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор, во рамките на потпишаниот Договор за соработка, се одржа тркалезна маса со презентација на Методологијата за истражување на судската пракса за одобрување и спроведување посебни истражни мерки во Северна Македонија.
Методологијата беше изработена од тројца универзитетски професори: проф. д-р Александра Груевска Дракулевски, проф. д-р Беса Арифи и проф. д-р Бобан Мисоски.
Присутните ја оценија Методологијата како сеопфатна, корисна и предложија насоки за нејзино спроведување во пракса, како и проширување на работната група со претставници од други институции вклучени во процесот на судско одобрување и спроведување на посебните истражни мерки, заради мултидициплинарниот карактер на истражувањето.
Процесот на спроведување на истражувањето ќе продолжи во текот на 2024 година под раководство на Академијата за судии и јавни обвинители, а поддржано од ДЦАФ.
Оваа активност е дел од Програмата за реформи во разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Северна Македонија спроведувана од ДЦАФ – Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор, а финансиски поддржана од Швајцарија, Шведска и Холандија.