Академијата и ХЕЛП/CoE спроведоа курс за антидискрминација за осмата генерација во почетната обука на Академијата

logo_asjo_news_mk

Во рамки на соработката помеѓу Академијата и ХЕЛП програмата на Советот на Европа денес (18 септември 2023 година) беше реализиран воведен курс за отпочнување на циклус на курсеви на тема: „Антидискриминација“ наменети за слушателите во почетната обука на Академијата од осмата генерација.

Курсот ќе се одвива низ пет модули и во рамките на истите ќе се обработуваат разни форми на дискриминација.

Настанот со воведно обраќање го отворија: директорката на Академијата, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска која воедно е и ХЕЛП тутор и на денешниот курс имаше и своја презентација и Марија Андреева, проектен офицер во Канцеларијата на Совет на Европа во Скопје која го модерираше овој курс.

Покрај директорката на Академијата, курсот го спроведоа и ХЕЛП туторите: д-р Жанета Поповска, офицер за владеење на правото, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Јасминка Перуничич Ален, виш проектен офицер, Совет на Европа.

Темата за антидискриминација е секогаш актуелна и овој курс е одговор на потребите на слушателите од осмата генерација кои по завршувањето на програмата за почетна обука ќе седнат на судиското и јавнообвинителското столче и ќе се соочат со предмети од оваа област.

Дискриминацијата е широка област и во последно време чести се појавите на прекршување на некое човеково право по пат на дискриминација, затоа е потребно судиите и јавните обвинители да бидат навремено подготвени и во тек со делот од европската регулатива кој го регулира ова прашање.- истакна директорката на Академијата во своето обраќање. Според неа, обврска на правните професионалци е да овозможат правна заштита преку следна примена на правните алатки и механизми кои се опфатени со законодавната рамка.

За европската регулатива и судската пракса свои презентации имаа експертите од Советот на Европа.

За слушателите на осмата генерација реализацијата на ваквите курсеви претставува додаден вредност во развојот на нивните знаења и вештини, бидејќи на овој начин тие имаат можност во директна комуникација со експерти да ги разрешат дилемите со кои се соочуваат кога е во прашање правото на ЕУ.