
Директорката на Академијата, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска и државниот советник на Академијата, м-р Сања Пандилов се дел од годишната конференција на мрежата HELP која е организирана под покровителство на Летонското претседателство со Комитетот на министри на Совет на Европа.
Годишната конференција е главното место на кое се собираат членовите и партнерите на HELP мрежата, и ги презентираат најновите курсеви за HELP, клучните проекти за HELP, а воедно претставува и своевиден форум кој овозможува активна дискусија за унапредување на обуките за човековите права, како и за зајакнување на соработката помеѓу сите актуелни членови и партнери на мрежата.
Имено, Академијата е активен партнер и дел од HELP мрежата, што и овозможува да биде и корисник на курсевите кои ги нуди HELP. Во времето на пандемијата предизвикана од КОВИД вирусот, оваа соработка се покажа како исклучително важна, а голем број од националните судии и јавни обвинители ги поминаа онлајн курсевите кои беа понудени. Трендот продолжи и во следната година, што е причина повеќе соработката помеѓу Академијата и HELP да се интензивира и во наредниот период.
Уште еден значаен сегмент е тоа што Академијата ги направи курсевите на HELP да бидат задолжителни за слушателите од почетната обука на Академијата за период од 15 месеци, односно, додека трае почетната обука во Академијата. Ваквата пракаса беше широко прифатена и се применува и од другите академии задолжени за правосудна обука во регионот.
Дводневната конференција се одвива согласно опсежна агенда, а истата со поздравно обраќање до присутните, ја отворија: Н.Е. амбасадорот Jānis Kārkliņš, претседател на замениците министри и постојан претставник на Латвија пред Советот на Европа, директорот за човекови права на Совет на Европа и Н.Е. амбасадорката Vesna Batistić Kos, шеф на Делегацијата на ЕУ во Совет на Европа.
На конференцијата излагања за повеќе актуелни теми во чиј фокус беа човековите права и спроведување на обуки за пооделни теми кои ќе третираат различни аспекти од областа на човековите права, говореа претставници од разни земји членки на ЕУ, Западен Балкан, претставници на академии задолжени за спроведување на професионална правосудна обука, како и високи претставници од релевантни оддели и институции на ЕУ, Совет на Европа, меѓу кои посебно значајно беше излагањето на претседателката на Европскиот суд за човекови права, судијата Síofra O’Leary која се осврна на Самитот од Рејкјавик и неговото влијание врз човековите права.
Претставниците на Академијата со своето учество ја потврдија заложбата на Академијата за понатамошно партиципрање и реализирање на проектни активности кои значително и позитивно ќе влијаат врз унапредување на ефикасноста на правосудниот систем, а воедно и ќе го зајакнат владеењето на правото во нашата држава.