
Директорката на Академијата, проф.д-р Наташа Габер Дамјановска оствари работна средба со министерот за правда на Република Северна Македонија, на која беше презентирана Академијата, начинот на функционирање на институцијата, активностите и нејзината улога во правосудниот систем, како и новиот Закон за Академија на судии и јавни обвинители.
Истакнато е дека Академијата и понатаму останува светла точка во реформскиот процес на правосудниот систем и единствен влез во професиите судија и јавен обвинители. Сепак, директорката на Академијата му посочи на министерот за правда дека од особено значење е и обезбедувањето на нови просторни капацитети за Академијата, бидејќи просторните капацитети во кои е сместена Академијата се покажаа како несоодветни за реализација на нејзините цели и задачи, а особено сега кога Академијата се подготвува да прими нови 130 слуштели кои ќе ја сочинуваат деветата генерација на Акедемијата. Наведе дека согласно Акцискиот план за спроведување на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор за периодот од 2017 до 2022 година, беше предвидена и мерката „Изградба на нови просторни услови“ што се уште е во почетна фаза на спроведување. Академијата, по прашањето на зајкнување на капацитетите, е поддржана од програмата ИПА 2020, поточно делот ИПА III/EU за владеење на правото и антикорупција, во рамки на што како план за акција се предвидува Подготовка на техничка документација за модернизација на просториите на Академијата за судии и јавни обвинители, согласно ЕУ стандардите за градба на згради со цели на обука, па во таа смисла сметаме дека е време за конечно реализирање на финансиските средства предвидени за таа намена, за што е доставено и писмо до Владата на Република Северна Македонија, за понатамошно постапување по ова прашање.
Министерот за правда откако направи увид во просториите на Академијата се обврза дека ќе се заложи овој проблем што е можно поскоро да биде надминат.
На средбата со директорката на Академијата, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска меѓу другото беше разговарано и за учество во програмата JUSTICE (2021-2027), за што е добиен одговор од страна на Европската комисија, во согласност со кој се отпочнати преговорите за потпишување на меморандум за соработка. Врз основа на тој меморандум, нашата држава би влегла во посебна програма која се однесува на едукација на судии, јавни обвинители, останати професионалци, пред сѐ со акцент на европското право и на други правни прашања, како и преку учество во обуки, семинари, студиски посети и програми за размена на кандидатите за судии и јавни обвинители. Учеството во програмата JUSTICE, е од особена важност за македонското правосудство во контекст на нашите стремежи за влез во ЕУ. Во таа смисла, доколку се потпише меморандумот за соработка со Европската Комисија, односно доколку се излезе во пресрет на потребите за котизација, согласно Меморандумот за соработка, директорот посочи дека Академијата ќе се стреми кон целосно искористување на потенцијалот што го нуди истата, во насока на спроведување на сите активности како за почетната, така и за континуираната обука, и кон размена на искуства со земјите од ЕУ.
Директорката на Акдемијата се осврна и на измените согласно новиот Закон за Академијата кој беше објавен во Службен весник на 21 јуни 2023 година, каде е констатирано дека со истиот се овозможува стекнување на унифицирано уверение за завршена почетна обука за судија и јавен обвинител.
Измените предвидуваат воедначување на судската пракса преку зголемен обем на обуки на судиите во рамките на Академијата за судии и јавни обвинители, како и редефинирање на начин на полагање на приемниот и завршниот испит врз основа на мерила и објективни критериуми за проценка на знаењата на кандидатите.
Со донесувањето на новиот Закон за Академија се исправи и неусогласеноста на платите на слушателите на почетна обука согласно Законите за судска/јавнообвинителска служба, согласно чии звања е определена нивната плата. Имено, во неколку наврати настана зголемување на платите на судските/јавнообвинителските службеници, додека за слушателите на почетна обука не постоеше законска можност за нивна корекција, па така тие беа финансики оштетени во однос на нивните колеги согласно Законите за судска/јавнообвинителска служба.
Дотолку повеќе што со Измените на Законот за судска служба конкретното работно место беше укинато, па така, со донесувањето на новиот Закон за Академија се надмина овој проблем.
Академијата, од основањето до денес, континуирано покажува резултати во работењето и до сега продуцира 8 генерации на 188 успешно завршени кандидати за судии и јавни обвинители, од кои 148 извршуваат функција судија и јавен обвинител, а 40 кандидати за судии/јавни обвинители чекаат избор за да стапат на функција, додека во тек е практичната настава на 97 слушатели и примениот испит за 130 кандидати за слушатели за новата генерација во почетна обука.
Министерот за правда, Кренар Лога изрази подготвеност и целосна поддршка на Академијата, за надминување на предизвиците со кои се соочува, со цел институцијата да го задржи високото професионално ниво кое го воспоставила и со ист интензитет, и во иднина да ја извршува својата дејност.
Директорката на Академијата, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска изрази благодарност за поддршката и надеж дека со посветена работа и соодветни услови, Академијата ќе продолжи да покажува успешни резултати како и до сега.