Студиска посета на висока правосудна делагација од Република Северна Македонија на Центарот за правосудна обука и едукација на Кралството Холандија

IMG-887850e66e66d27340cc854ab7867493-V

Највисоки претставници од правосудниот систем на Република Северна Македонија, предводени од директорката на Академијата, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска во период од 3 април до 7 април се во посета на Центарот за правосудна обука и едукација на Кралството Холандија, како дел од активностите предвидени со меморандумот за соработка, кој минатата година го потпишаа првите луѓе на Академијата за судии и јавни обвинители и Центарот за правосудна обука и едукација на Кралството Холандија. Реализацијата на сите предвидени активности согласно потпишаниот меморандум е поддржана од страна на Амбасадата на Кралството Холандија во Република  Северна Македонија.

Правосудната делегација ја сочинуваат: Беса Адеми, претседателка на Врховен суд на Република Северна Македонија и член на Управен одбор на Академијата; Весна Дамева, претседателка на Судскиот совет на Република Северна Македонија; Антонио Јолевски, претседател на Совет на јавните обвинители на Република Северна Македонија и член на Програмски совет на Академијата, Зоран Герасимоски, член на Судскиот совет на Република Северна Македонија и член на Управен одбор на Академијата, Бесир Алиу, јавен обвинител на Основно јавно обвинителство Тетово и член на Управен одбор на Академијата;судија Илир Исени, заменик директор на Академијата и м-р Сања Пандилов, државен советник во Академијата.

Целта на оваа посета е правосудната делегација од Република Северна Македонија да се запознае одблиску со правосудниот систем на Кралството Холандија и понатаму, со заедничко учество на сите присутни и поинтензивна вклученост на институциите кои тие ги претставуваат во нашата држава, преку директна соработка со Академијата да дадат институционален и личен придонес за унапредување на правосудството преку фокусирање на теми кои се од исклучителна важност за развој на целокупниот правосуден систем во Република Северна Македонија.

Согласно изготвената Агендата за реализацијата на оваа студиска посета претставниците од Република Северна Македонија и претставниците од Холандија ќе разменат мислења и искуства на повеќе теми како што се: Етика и интегритет, комуникација и правосудство, лидерство, почетна обука за судии, почетна обука за јавни обвинители, организација и планирање, процена на почетната обука, оценување и планирање на активностите од обуката.