Работна средба на директорката на Академијата, проф.д-р Габер Дамјановска со амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ, Н.Е. Килиан Вал и шефот на Одделот за владеење на право и човекови права, Умер Ал-Кхатиб

DSC_0434

Директорката на Академијата, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска се сретна со амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Н.Е. Килиан Вал и шефот на Одделот за владеење на право и човекови права на Мисијата на ОБСЕ,  Умер Ал-Кхатиб за да разговараат за насоките во кои ќе се одвива понатамошната соработка.

На состанокот присустуваше и м-р Сања Пандилов, државен советник во Академијата, како и претставници од Академијата.

На работната средба директорката на Академијата го информираше амбасадорот на ОБСЕ за резултатите од реализираните активности во изминатата година, но исто така, презентираше и нови идеи чија реализација е од важност за унапредување на вештините и знаењата на правните професионалци во нашата земја кои се дел од целните гругпи на Академијата.

Амбасадорот на ОБСЕ покажа интерес за успешно спроведување на сите процеси кои ја засегаат Академијата, како што се спроведување на приемниот испит за деветата генерација, унапредување на програмите за континуирана и почетна обука и зајакнување на соработката помеѓу Академијата и Мисијата на ОБСЕ преку заедничка проценка на потребите на судиите и јавните обвинители во Република Северна Македонија.

Директорката на Академијата детално го опиша начинот на кои се одвиваат активносите во Академијата, предностите и слабостите со кои се соочува Академијата и побара поддршка од Мисијата на ОБСЕ во несебичните напори на институцијата да произведе европските профили на судии и јавни обвинители кои ќе можат независно, непристрасно и професионално да одговорат на предизвиците кои ги носат со себе овие две професии.

Н.Е. Килиан Вал се заблагодари за информациите и истакна дека ќе се заложи активностите кои се од заеднички интерес да се реализираат со веќе докажаниот успех. Воедно, Мисијата на ОБСЕ ја следи и состојбата со измени на новиот Закон за Академијата за кои амбасадорот изрази надеж дека истите наскоро ќе бидат усвоени, бидејќи овие измени како што го информираше директорката на Академијата се клучни за откочување на примениот испит за деветата генерација во почетната обука на Академијата кој се наоѓа некаде на половина, односно, поминати се три фази и следат уште две фази кои ги сочинуваат: квалификацискиот испит и практичен испит кој се полага писмено и усмено.

Директорката на Академијата ја искористи оваа прилика да се заблагодари на Мисијата на ОБСЕ за целокупната поддршка на нејзината работа до сега, како и за  донацијата на читач со кој се обезбедува електронско читање на резултатите од тестовите и појасни дека токму овој читач во моментов е решението на Владата на РСМ за надминување на состојбата која настана со истечената набавка на софтвер за електронско полагање на испитите на ниво на целата држава. Поточно, Академијата е задолжена да помогне на останатите институции, кои имаат законска можност да реализират испити во писмена форма,  да им овозможи електронско читање и генерирање на резултатите од тестовите без финансиска придобивка за Академијата која покрај читачот ангажираше и свои човечки капацитети сé со цел да им се излезе во пресрет на сите институции.