Презентација на Методологијата за изработка на едукативни модули за ситна корупција

DSC_0450

Академијата за судии и јавни обвинители и UNODC има континуирана, успешна соработка во рамки на која остваруваат низа проектни активности од интерес пред се за правосудната фела. Дел од оваа соработка е и Методологијата за изработка на едукативните модули за ситна корупција, којашто беше презентирана денес (08.02.2024 година) во просториите на Академијата од страна на експертот на UNODC, Александар Џорџевиќ.

„Перцепцијата на јавноста и на меѓународната заедница во однос на корпуцијата во нашата држава, и препораките кои доаѓаат од сите релевантни тела и институции претставуваа силен мотив за нас како институција да преземеме дополнителни чекори во рамки на нашето професионално делување и да дадеме придонес во борбата против ситната корупција. Резултат на овие напори е соработката помеѓу Академијата и UNODC и отпочнувањето на овој проект.“- кажа во своето поздравно обраќање директорката на Академијата, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска. Според неа, содржината на изготвената методологија ќе најде широка практична примена во секојдневната работа на судиите и јавните обвинители со што ќе се подгине нивото на професионализам во оваа сфера, ќе се подигне свеста за ситната корупција и во иднина ќе бележиме намалување на вакви случаи.

На присутните им се обратија и Вирџинија Елиот, директор на ИНЛ, Амбасада на САД во Скопје и Константине Палицарски, регионален советник, UNODC кои изразија благодарност за отворената соработка и подготвеноста на Академијата активно да учествува во реализацијата на проектните активности.

Целта на денешниот настан беше да се презентира методологијата пред поширока група на практичари, имајќи предвид дека од истата ќе произлезе подготовка на практикум/курикулум за спроведување на обуки за ситна корупција. Практикумот/курикулумот ќе биде изготвен од страна на еден судија, еден јавен обвинител и еден истражител а во неговото развивање  дополнително ќе бидат вклучени и поголем број на судии и јавни обвинители. Откако ќе биде изготвен овој практикум/курикулум ќе биде организирана и првата пилот обука преку чија евалуација ќе бидат креирани два модули и тоа: Модул 1 кој ќе претставува основно ниво и во истиот како целна група ќе бидат опфатени слушателите од почетната обука на Академијата и Модул 2 кој ќе претставува напредно ниво, ќе има мултидисциплинарен пристап и ќе биде наменет за судии, јавни обвинители, вработени лица во МВР кои работат на истрагите, лица кои работат во инспекциските служби во области каде е нотирана зачестеност на случаи на ситна корупција како и други контролни тела.

Методологијата чија содржина денес беше претставена од страна на експертот од UNODC  ќе биде основа за изготвување на курикулумот. Овие документи, ќе бидат дел од едукативните материјали кои ги поседува Академијата и кои ќе ги користи понатаму како во реализација на активности во рамки на почетната обука, така и во континуираната.