
Во ера кога дигиталната трансформација го преобликува секој аспект од нашите животи, императивот за заштита на личните податоци никогаш не бил поважен. Оваа итност е особено изразена кога се зема предвид улогата на судството во почитувањето на законите за заштита на личните податоци и потребата да се заштити нашата најранлива популација – младите, од безбројните ризици што ги носи дигиталниот свет.
Токму во тоа светло, Центарот за правни истражувања и анализи организираше настан за одбележување на Европскиот ден за заштита на личните податоци под наслов „Зајакнување на судството и заштита на младите луѓе во дигиталната ера“. Настанот беше организиран во рамки на проектот “Eфикасна правда за заштита на правото на основните слободи и правото на приватност во онлајн просторот”.
Заштитата на личните податоци и приватноста се темел на демократското општество. Како афирмација на нашите заложби за креирање правни системи кои служат за најдоброиот интерес на граѓаните, мора да создаваме право кое ќе биде во чекор и постојано ќе се приспособува кон напредокот на технологијата, кажа Евроамбасадорот Дејвид Гир. Европската комисија во последниот извештај за прогресот на нашата држава во областа на заштита на личните податоци и приватноста, нотира задоволителен напредок во тој поглед, но потребата од обука на вработените во јавниот и приватниот сектор кои се бават со обработка на лични податоци е истакната како клучен предизвик – додава Гир.
„Заштитата на личните податоци освен законска обврска, бара негување култура и свест за развојот на оваа сфера. Треба сите, поединечно и како заедница, да се однесуваме одговорно и да градиме безбедна дигитална средина за сите“ рече Имер Алиу, Директор, Агенција за заштита на личните податоци.
Тој истакна дека најголемиот проблем во поглед на законодавството во оваа област е тоа што стотици секторски закони не се усогласени со Законот за заштита на личните податоци. Потребна е сериозна институционална и Владина поддршка за забрзување на процесот на менување и дополнување на соодветните закони во согласност со Законот за заштита на личните податоци. Дополнително, во моментов се работи на нова Стратегија за заштита на личните податоци во која ќе бидат адресирани предизвиците кои ги носи напредокот на дигиталното општество – додаде тој.
Прашањето за динамиката помеѓу брзината на развојот на технологијата, приспособувањето на правото кон неа и шансите за злоупотреби и кривични дела кои во тој меѓупростор се отвораат го адресираше Г–а Наташа Габер–Дамјановска, Директорка на Академијата за судии и јавни обвинители. Потребен ни е институционален одговор и подгтотвен кадар кој ќе се справи со проблемите на современото живеење. Во тој поглед, Академијата за судии и обвинители ветува активно да ја подига свеста за важноста на заштитата на личните податоци и приватноста и да обезбедува контиунирано унапредување на програмата и курикуломот на Академијата.