Меморандумот за соработка потпишан помеѓу Академијата за судии и јавни обвинители и Амбасадата на Франција придонесува за независно судство

Naslovna Fr

Денес (22 септември 2022 година) во просториите на Академијата, директорката на Академијата, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска и Амбасадорот на Република Франција во Северна Македонија, Н.Е. Сирил Бомгартнер потпишаа меморандум за соработка со кој се предвидени активности во насока на јакнење на независноста на судството.

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер Дамјановска во своето обраќање подвлече дека потпишувањето на овој Меморандум претставува континуитет на една соработка што трае од 2007 година.

– Франција континуирано ја следи работата на Академијата. Поставеноста на нашата Академија има многу сличности со француската Државна правосудна академија (ЕНМ) и на некој начин можеме да го претставиме тоа како да сме ние некое нивно дете коешто тие го гледаат како го остварува својот растеж, рече таа.

Директорката на Академијата, проф. д-р Габер Дамјановска посочи дека значајна придобивка од соработката со Амбасадата е кадровската размена и следењето на работата на нашите професионалци.

– Понатаму, адресирање на прашања што се битни за натамошно градење на правосуден систем, посебно кога акцент беше даден на административните прашања но исто така сега новиот модел за соработка таргетира нови цели, заштита на човековата околина и особено инкриминирачките дејствија што би резултирале за адресирање на проблемите во заштитата на животната средина, додаде директорката на Академијата.

Меморандумот за соработка со Академијата за судии и јавни обвинители значи дека Франција искажува волја да ја поддржува Академијата и таа соработка оди во прилог на афирмација на правната држава, но исто така за постигнување независно судство, со што на тој начин Франција суштински придонесува во спроведувањето на целта што ја има Академијата, изјави денеска францускиот амбасадор во земјава Сирил Бомгартнер на потпишувањето на Меморандумот за соработка со Академијата за судии и јавни обвинители.

– Соработката меѓу Академијата и Амбасадата се остварува преку две форми – од една страна соработката е во областа на стекнување јазични вештини, односно познавање на францускиот јазик за слушателите на Академијата, но и дел од континуираната обука на судии и обвинители, бидејќи францускиот јазик е јазик на правото, рече Бомгартнер.
Вториот дел од областа на соработката, додаде амбасадорот, е многу посуштинска, на различни теми од областа на граѓанското и кривичното право, со вклученост на повеќе теми што сега се изучуваат а тоа е екоцидот односно кривични дела против животната средина.

– Се наоѓаме во нов контекст бидејќи земјава ја почна фазата на отворање на преговорите за членство во ЕУ и бидејќи постои таа нова рамка, ќе кажам дека соработката меѓу вашата институција и нас е уште посуштинска, бидејќи темите со кои се занимава вашата институција ќе се најдат во сржта на преговорите со Унијата, рече францускиот амбасадор.
Бомгартнер нагласи дека овој Меморандум ќе биде дополнителен камен темелник на заедничкиот пат кон ЕУ, пат кој, според него, ќе биде тежок, но којшто ќе го изодиме.

Потпишувањето на Меморандумот има за цел да ги зајакне јазичните компетенции по француски јазик на слушателите на програмата за почетна обука на Академијата, во насока на консолидирање на нејзината позиција во рамките на меѓународната франкофонска заедница, со цел овозможување пристап и користење на официјални информации на француски јазик во доменот на нивната активност. Имено, како што информираше директорката на Академијата, се очекува, веќе од следната недела да започнат часовите за изучување на француски јазик- почетно ниво за актуелните судии и јавни обвинители.

Како дел од обврските кои произлегуваат од овој меморандум е и промоција и ширење на францускиот јазик кај чинителите на македонското правосудство преку воспоставување на заеднички промотивни активности.

Директорката на Академијата, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска изрази благодарност за досегашната целокупна поддршка на Амбасадата на Франција во Северна Македонија и Францускиот институт во Скопје со надеж дека и во иднина оваа соработка ќе биде успешна како и до сега.