Започна обуката на обучувачи за правото на ЕУ наменета за менторите на Академијата

DSC_0363

Академијата за судии и јавни обвинители и Европскиот институт за јавна администрација ЕИПА од Луксембург организираат обука на обучувачи, чија реализација започна денес(17 октомври 2023 година) и ќе се реализира во следните два дена, а истата е наменета за обучувачите на Академијата кои учествуваат во подготовка и имплементација на програмите за почетна и континуирана обука.

Обуката е развиена од страна на ЕИПА Луксембруг во соработка со Академијата а целта е да им се овозможи на учесниците да ги идентификуваат, анализираат и пресретнат потребите за изучување, на општи теми со фокус на оние кои се поврзани со правото на ЕУ. Истовремено, да ги унапредат нивните постојни вештини во однос на концептот, имплементацијата и евалуацијата на програмите за обука, да ги унапредат своите комуникациски и презентациски вештини и истите да ги применуваат и со други алатки на учење како што е учењето на далечина.

 

 

Обуката ќе ја спроведат странски експерти ангажирани од страна на ЕИПА Луксембург кои имаат искуства од оваа област.

Првиот ден од обуката преставуваше вовед во концептот  учење за возрасни, принципите, целите и идентификување на потребите за учење. Воедно, во рамки на втората сесија од страна на експерите беше образложено како се концпетот на обуките за правто на ЕУ влијае врз  ефективното извршување на обврските кои произлегуваат од европската легислатива, а која е исклучително значајна за успешна реформа на правосудниот систем на Република Северна Македонија.

Во наредните денови преку балансирана комбинација на презентации, прашања и одговори, практични вежби и дискусии менторите на Академијата ќе разменат мислење и искуства во однос на неколку клучни сегменти кога станува збор за развој и дизајнот на програмите за почетна и континуирана обука на Академијата, односно, преку преглед на постоечките програми ќе ги идентификуваат и анализираат потребите за обука, а воедно ќе понудат и обуки и планови за обуки. Во фокусот на обуката ќе се најдат и алатките за успешна презентација и комуникација, а на крајот од обуката ќе биде организирана и една мала работилница каде менторите ќе треба да изготват драфт програма за обука (вклучувајќи потенцијални теми, временска рамка, говорници и логистички аспекти) по што истите ќе одржат и презентација на тема поврзана со правото на ЕУ.

Академијата за судии и јавни обвинители ги користи сите отворени можности од страна на странските партнери и поддржувачи во насока на обезбедување поквалитетни обуки кои ќе ги подготват судиите и јавните обвинители во Република Северна Македонија за ефикасна примена и имплементација на правото на ЕУ, посебно, тогаш кога државата и официјално ќе се интегрира во европското семејство.