Заменик директорот на Академијата, судија м-р Исени беше дел од конференцијата посветена на судската улога во борбата против корупцијата 24-25 мај 2024 година, Прага

Prague, Maj 2024 (1)

Во организација и на покана на CELLI Институтот на 24 и 25 мај 2024 година, судија м-р Илир Исени, заменик директор на Академијата присуствуваше на Конференцијата посветена на судската улога во борбата против корупцијата. Во петте концепциски сесии на конференцијата беа презентирани алтернативите за ветинг како форма на борба против корупцијата, беа разменети мислења во однос на идејата за создавање на специјални тела за подобро справување со корупцијата, како и воведување на механизмот на спогодувањето како консензуално решение во подобро справување со корупцијата. Понатаму беа разработени аспекти за запленување и конфискација во случаите на корупција и сложен економски криминал, а во рамките на последната сесија се дискутираше за справувањето со притисокот врз судиите и како истите да изградат отпор на политичко влијание.

На конференцијата учествуваа судии од вкупно 17 држави, а свои излагања поврзани со темите на сесиите имаа правни практичари од Украина, Чешка, Словачка, Бугарија и САД.

Воедно, на 25 мај беше одржан и состанок на Главната група (Core Group) на CEELI Судиската Мрежа, во која, на покана на CELLI Институтот, судија м-р Исени учествуваше како член.

На состанокот претставниците на CEELI Институтот ги презентираа целите на нивниот нов Грант за “Клептократија“, а потоа се разговараше за идните активности и цели на CELLI Судиската мрежа, како и за приоритетите за следните 18 месеци. Имено, предвидено е публикување на публикации и организација на едукативни настани, поврзани со клептократија, транспарентност, отчетност и антикорупциски цели. Членовите на групата на состанокот ги даваа предлог темите, како и своите идеи за зголемување на импактот од реализацијата на проектот врз таргетираните групи.

Судија м-р Исени ја истакна потребата од одржување на обуки на национално ниво во врска со новиот Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка, кој што закон ќе почне да се применува од септември 2024 година.