Се чека Кембриџ за фалш сертификатите по англиски на кандидатите за обвинители – „А1 он“

Скопското обвинителство не се откажува од истрагата со фалсификуваните сертификати за англиски јазик за кандидатите за јавни обвинители од Академијата за судии и јавни обвинители.

Од обвинителството за „А1 он“ потврдија дека обвинителот кој го води случајот досега испитал 30 лица, ја собрал документацијата, а се обратил за помош и до Албанија и до Велика Британија за да се потврди дали кандидатите за јавни обвинители навистина полагале испит и добиле сертификат за познавање на јазикот.

„Основното јавно обвинителство Скопје се обрати со барања за меѓународна- правна помош до институции во Република Албанија и Велика Британија, бидејќи тоа е единствениот начин да се провери дали лицата навистина полагале и добиле сертификат за познавање на англиски јазик. Одговорите на испратените замолници се уште се очекуваат“, велат од таму за „А1 он“.

Дознаваме дека од Кембриџ, Велика Британија, до Скопското обвинителство во меѓувреме стигнал писмен допис со кој се најавува одговор за барањето на обвинителството, кое со ургенции барало помош. Временската рамка не била доставена за одговор, па од обвинителството се уште се очекуваат бараните информации.

Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ во декември 2018 година го поништи јавниот оглас на Академијата за прием на 60 слушатели на почетна обука за кандидати за јавни обвинители.

Огласот беше поништен бидејќи против пријавните кандидати беше поведена постапка од скопското обвинителство за кривично дело фалсификување исправа.

Директорката на Академијата, Наташа Габар-Дамјановска, за„А1 он“ ги отфрли како неточни информациите во јавноста дека во Академијата влегле кандидати за кои има сомнеж дека ги фалсификувале сертификатите за странски јазик, бидејќи како што кажа, постапката за селекција е се уште во тек. „Тестот уште не е завршен. Уште сме некаде на половина. Уште никого не сме избрале“, вели директорката.

Статијата во целост можете да ја прочитате на следниот линк:  https://a1on.mk/macedonia/se-cheka-kembridzh-za-falsh-sertifikatite-po-angliski-na-kandidatite-za-obviniteli/?fbclid=IwAR2ij-sdjY5_cx-iHgRmr8RfOiFyao0HKdbLQohbvgThw-MXp7pmiZG3Bog