Во рамки на успешната соработка помеѓу Академијата за судии и јавни обвинители и Центарот за правосудна обука и студии на Кралството Холандија, денес (31.08.2023 година), во просториите на Академијата започна реализацијата на дводневната обука на обучувачи со која се опфатени менторите на Академијата за судии и јавни обвинители.
Денешната обука е дел од циклусот обуки на обучувачи предвидени со планот на активности содржани во потпишаниот меморандум за соработка помеѓу двете институции, со поддршка на Амбасадата на Кралството Холандија во Република Северна Македонија.
Целта на обуката е да ги зајакне вештините на менторите на Академијата кои се вклучени во спроведување на едукативните процеси на судиите и јавните обвинители, како клучна дејност на Академијата.
Во своето поздравно обраќање до присутните директорката на Академијата, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска се заблагодари на Амбасадата на Кралството Холандија за континуираната поддршка на работата на Академијата, на претставниците од Центарот од Холандија кои исто така дадоа поддршка и ги ставија на располагање своите ресурси во насока на подигнување на квалитетот на програмите за почетна и континуирана обука на Академијата.
Според директорката на Академијата, ваквите проектни активности се исклучително значајни за развојот на капацитетите на Академијата, посебно поради фактот што националните судии и јавни обвинители имаат можност да разменат искуства со своите странски колеги, а воедно и да усвојат нови знаења и вештини кои ќе им служат во понатамошниот професионален развој.