
Директорот на Академијата, јавен обвинител Ирина Трајкоска Стрезоски и заменик директорт на Академијата, судија, м-р Илир Исени на 01 ноември 2024 година, во просториите на Академијата одржаа работен состанок со Oлег Солдатов, раководител на Програмската канцеларија на Совет на Европа и претставниците на Совет на Европа кои раководат со четири проекти од различни области: Александра Богдановска, проект ПРОФРЕКС, Јасмина Димитриева, проект за трговија со луѓе, Ирена Цуцуловска Јакимовска, проект за бесплатна помош чија реализација треба да започне во 2025 година и Марија Андреева, проект за говор на омраза.
На состанокот се разговараше се продложување на веќе започнатата соработка со дел од проектите во чии рамки во тековната 2024 година биле реализирани активности, како и отпочнување на активности во рамките на новиот проект на Совет на Европа.
Првите луѓе на Академијата ја потенцираа повеќегодишната соработка со Совет на Европа и изразија подготвеност да продолжат активно да партиципраат во реализацијата на новите предвидени активности.
Претставникот на ПРОФРЕКС ги најави каскадните обуки на тема слобода на изразување кои треба да се реализираат во следниот период, како и изготвувањето на новата анализа за слобода на изразување.
Во однос на проектот посветен на трговија со луѓе, претставникот на Совет на Европа побара вклучување на Академијата во реализацијата на тркалезните маси посветени на оваа тема кои треба да се организираат во сите четири апелациони подрачја во период јануари-февруари 2025 година, со кои, покрај судиите и јавните обвинители, ќе бидат опфатени и преставниците на Министерството за внатрешни работи кои работата на оваа проблематика, како и претставниците на Центрите за социјална работа.
Во текот на 2025 година, ќе отпочне реализација на обуки за бесплатна правно помош како дел од соработката со проектот за бесплатна правна помош на Совет на Европа, а ќе продолжи и реализација на едукативните актинвости за говор на омраза, во чии рамки се предвидува и организација на тркалезни маси.