Во Академијата се одржа првата обука од циклусот обуки за родово базирано насилство – „Пристап фокусиран на жртва“

DSC_0024

На 11 и 12 јуни 2026 година, во просториите на Академијата за судии и јавни обвинители, се одржа првата обука од циклусот обуки на тема „Родово базирано насилство“, посветена на пристапот фокусиран на жртва. Обуката беше организирана од Академијата за судии и јавни обвинители во соработка и со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопја, и истата беше наменета за судии од кривичните оддели, јавни обвинители кои постапуваат по предмети од оваа област, како и за други претставници кои во рамките на своето работење се соочуваат со прашања поврзани со родово базираното и семејното насилство.

Во текот на дводневната обука учесниците имаа можност да ги продлабочат своите знаења за траумата и нејзините последици врз жртвите, кризите и кризното интервенирање, како и за техниките и пристапите при водење разговор и интервју со жртва. Дополнително, беа обработени теми поврзани со родовото разбирање на насилството врз жените, родово чувствителното постапување, ограничувањата во работата со ранливите групи, како и значењето на грижата за себе и зачувувањето на менталното здравје на професионалците кои работат во оваа област.

Целта на обуката беше да се зајакнат капацитетите на учесниците за препознавање и разбирање на специфичните потреби и искуства на жртвите на родово базирано и семејно насилство, како и да се унапредат нивните вештини за примена на пристап фокусиран на жртвата во текот на постапувањето. Преку теоретски осврти, практични вежби и дискусии, учесниците стекнаа дополнителни знаења за обезбедување соодветна поддршка, комуникација и заштита на жртвите, во согласност со принципите на човековите права и родовата еднаквост.

Предавачи на обуката беа Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство и сертифициран психотерапевт – психодраматичар и семеен советник, како и Жанета Попоска, национална офицерка за владеење на правото и човекови права во Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Академијата за судии и јавни обвинители останува посветена на континуираното унапредување на знаењата и вештините на носителите на правосудните функции и другите професионалци, преку организирање на специјализирани обуки насочени кон обезбедување ефикасна, стручна и родово сензитивна заштита на жртвите на родово базирано и семејно насилство, како и кон јакнење на владеењето на правото и заштитата на човековите права.