Во рамки на Хоризонталниот инструмент на ЕУ и Советот на Европа „Зајакнување на активностите против трговијата со луѓе во Северна Македонија“, во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители, денес (17 септември) беше организирана обука на тема: „Ефективни финансиски истраги кои водат до ефективно замрзнување и конфискација на нелегални средства поврзани со трговија со луѓе“.
На обуката поздравно обраќање имаа директорката на Академијата, Ирина Трајкоска Стрезоски и Олег Соладтов, раководител на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје. Директорката Трајкоска Стрезоски ја поздрави иницијативата за посветување на внимание на финансиските аспекти на истрагите за трговија со луѓе, истакнувајќи ја важноста и континуирано зајакнување на практичните знаења и капацитети на правните професионалци. Солдатов ја истакна важноста на соработката со Академијата и значењето на обуката за унапредување на капацитетите за ефикасно следење, замрзнување и конфискација на нелегално стекнати средства поврзани со трговијата со луѓе, со фокус на европската легислатива.
Во текот на обуката беа обработени теми поврзани со националното законодавство, финансиските истраги и следењето на финансиските текови од трговија со луѓе, постапките за замрзнување, конфискација, враќање и управување со незаконски стекнати средства. Посебен акцент беше ставен на практичната работа преку интегрирани студии на случај и размена на искуства од Северна Македонија и Словенија.
Обуката ја спроведоа националните експерти: Светлана Димановска Влаховиќ, независна консултантката Игор Јаковлевски, Началник на Единицата за сузбивање криумчарење мигранти и трговија со луѓе при МВР и експертите од Словенечката академија за развој: Андреја Долничар Јерај, д-р Татјана Драговиќ, високиот јавен обвинител Јоже Левашиќ и Мајна Слепар Буркат финансиски експерт.
Целта на обуката беше да придонесе кон зајакнување на знаењата и практичните капацитети на учесниците за спроведување на ефективни финансиски истраги, следење на нелегално стекнатите средства и преземање соодветни мерки за нивно замрзнување и конфискација во случаи поврзани со трговија со луѓе.
Обуката претставуваше уште еден чекор во унапредувањето на професионалните капацитети и меѓуинституционалната соработка во борбата против трговијата со луѓе и финансискиот криминал.
Академијата за судии и јавни обвинители и Советот на Европа ќе продолжат да соработуваат и во иднина на теми кои се актуелни и значајни за унапредувањето на правосудниот систем.

