ТРКАЛЕЗНА МАСА на тема „Правото и праксата во заштита на бегалците во 2019 година“ (Demo)

На 16 и 17 декември 2019 година, во организација на Академијата за судии и јавни обвинители Павел Шатев и Претставништвото на УНХЦР во Скопје, во хотел Double Tree Hilton во Скопје, се одржа тркалезна маса на тема „Правото и праксата во заштита на бегалците во 2019 година“.

Во рамките на воспоставената, долгогодишна соработка помеѓу Претставништвото на УНХЦР во Скопје и Академијата на полето на организација на настани поврзани со Правото на бегалците, веќе стана традиција, секоја година во декември да се реализира средба на претставници на релевантните институции вклучени во системот на остварување и заштита на правата на барателите на азил во државата,  на која релевантните субјекти имаат можност да разменат мислења и искуства од праксата во годината што изминува, како и да ги согледаат предизвиците за наредниот период поврзани со имплементација на регулативата од областа.

На тркалезната маса учествуваа претседателот на Вишиот управен суд, судии на Вишиот управен суд и Управниот суд кои работат на предмети поврзани со азил, претставници на Министерството за внатрешни работи од Секторот за азил и Одделот за правни работи, судски постапки и управување со човечки ресурси, В.Д. Директор на Бирото за застапување на Република Северна Македонија пред Европскиот суд за човекови права, адвокати, претседателот и правници за азил и миграции од Македонското здружение на млади правници како и претставници на УНХЦР и Академијата.

Во фокусот на овогодишната тркалезна маса беа новиот Закон за управни спорови-клучните новитети со акцент на задолжителната јавна расправа, како и имплементацијата на Законот за меѓународна и привремена заштита во делот на ограничување на слободата на движење, застапување пред Европскиот суд за човекови права од аспект на Владиниот агент и од аспект на адвокатите и извршување на пресудите на ЕСЧП.

Клучните новитети во новиот Закон за управни спорови кој ќе се применува од 25 мај 2020 година, ги изложи проф. д-р Борче Давитковски од Правниот факултет „Јустинијан Први“-УКИМ Скопје.

 

Програмата според која се одвиваше и материјалот за тркалезната маса можете да ги преземете тука:

Програма

Закон за меѓународна и привремена заштита

Закон за управни спорови

Презентација

Случајот Љатифи

Случајот Регнер