Предавање на тема: Поим и начела на правото на ЕУ во насока на одбележување на Европскиот ден на правдата

Секоја година на 25 октомври Европската унија го слави Европскиот ден на правдата. Целата е да се доближи правдата до граѓаните, тие да се запознаени со нивните права како и да се промовира работата на Советот на Европа и Европската комисија на полето на правдата.

Во таа насока, сите земји членки на Европската унија, како и земјите кандидати за влез во Европската унија, 25 октомври го одбележуваат со организирање на настани посветени на теми од областа на правото.

 

Академијата, за таа цел, денес (26 октомври 2020 година) организираше онлајн предавање (тема на неделата) во рамките на почетната обука, на тема: „Поим и начела на правото на ЕУ“  кое го одржа професор д-р Горан Илиќ од Универзитетот Св Климент Охридски Битола, со што се приклучи на инстиуциите ширум Европа во одбележувањето на Европскиот ден на правдата.

Имајќи предвид дека денешната тема на неделата е во знакот на одблежувањето на Европскиот ден на правдата, професор д-р Илиќ своето предавање го посвети на прашањата пoврзани со правото на ЕУ, односно начелата на Европската унија. Познавањето на правото на ЕУ е клучно за судиите и јавните обвинители во Република Северна Македонија, посебно поради фактот дека нашата држава е силно посветена на процесот на нејзината интеграција во европското семејство, а еден од главни услови е реформа на правосудниот систем во насока на целосна хармонизација на националното законодавство со европската легислатива.

Имено, Академијата воведе низа новини во однос на реализацијата на теоретската настава, пришто, една од позначајните беше поголема застапеност на праксата во однос на теоријата при реализацијата на предавањата. Ваквите промени Академијата ги предвиде со Правилникот за теортската настава каде што се вели дека концептот на предавањата треба да содржи 60% пракса,а останатиот дел да биде теорија, имајќи предвид дека примерите од праксата за време на предавањата се покажа како многу важни во креирањето на успешни профили на идните судии и јавни обвинители.  Како дел од новините е и воведувањето на тема на неделата во рамките на теоретската настава, пришто, секоја недела се избира различна тема од областа на правото на која истакнати правници предаваат на слушателите во почетна обука по однос на истата.

Во согланост со новите мерки и препораки на Владата на РСМ за спречување и заштита од ширење на вирусот КОВИД 19,  теоретската настава за слушателите во почетна обука, која започна со физичко присуство, продолжи да се организира комбинирано, а поради рапидно зголемениот број на заразени лица од овој вирус  теоретската настава во моментов се одвива  целосно онлајн, со користење на виртуелната платформа на Академијата. Начинот на понатамошната реализација на теоретската настава ќе биде во согласност со мерките и препораките кои ќе бидат издадени од Владата на РСМ.  Од страна на Академијата креирани се два линка за следење на наставата, со оглед на тоа дека слушателите се поделени во две групи, додека предавачите ги користат техничките можности на Академијата со цел успешно да го реализираат своето предавање.