Објавување на ранг листа на слушатели во VIII-та генерација слушатели на почетна обука во Академијата за судии и јавни обвинители

Почитувани,

Со задоволство Ве известуваме дека по долготраен процес кој траеше повеќе од една година и половина, Комисијата за приемен испит при Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“  ја изготви конечната ранг листа за приемот на нови 97  (деведесет и седум) слушатели на почетна обука при Академијата. Во тој контекст, и покрај тоа што Академијата тековно и транспарентно ја известуваше јавноста за секоја фаза од испитната постапка, објавуваме краток хронолошки извештај за целокупниот тек на испитот заради транспарентност на процесот, вклучително и текот на управната и управно- судската постапка.

Согласно Законот за Академија за судии и јавни обвинители („Службен весник на РМ“ бр.20/2015, бр.192/15, бр.231/15 и бр.163/2018) и Правилникот за полагање на приемен испит во Академијата за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Македонија”, број 77/2015, 195/2015 и ,,Службен весник на Република Северна Македонија’’ број 115/2019, 193/2020),  постапката за селекција на идни слушатели на VIII-ма генерација, започна со објавување на Јавен оглас за прием на 97 слушатели во почетна обука во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ (Службен весник на Република Северна Македонија’ бр.230/20) на ден 24.09.2020 година.

Од вкупно 497 (четиристотини деведесет и седум)  пријавени кандидати, 484 (четиристотини осумдесет и четири) апликанти ги исполнија формалните услови и со тоа го добија статусот кандидати за приемен испит во почетна обука. Согласно член 59 став 4 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители („Службен весник на РМ“ бр.20/2015, бр.192/15, бр.231/15 и бр.163/2018) и член 55 од Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители („Службен весник на РМ“ бр.56/2015, бр. 205/18 и бр.115/2019), кандидатите при пријавувањето добија испитна шифра, под која се водеа во текот на целата испитна постапка, со што се обезбеди анонимност и заштита на личните податоци на кандидатите при полагањето на испитот, се до крај, до моментот на објавување на листата.

                  Процесот за влез во Академијата, хронолошки се одвиваше преку следниве фази, кои беа елиминаторни:

  1. Полагање на тест за активно познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски или германски), кој се одржа на деновите 28 и 29 ноември 2020 ноември како и во дополнителен термин на ден 16 декември 2020 година за кандидатите што се наоѓаа во изолација поради Коронавирусот. Специфично за овој приемен испит, во согласност со измените во Правилникот за полагање на приемен испит, беше тоа што се полагаше писмено. Од вкупно 484 (четиристотини осумдесет и четири)  кандидати што имаа право да го полагаат тестот, успешно го положија 368 (триста шеесет и осум) кандидати, 72 (седумдесет и два) кандидати не го положија тестот, а 44 (четириесет и четири) кандидати не се појавија на тестирањето.
  2. Полагање на квалификациски тест, кој се одржа во периодот од 22 до 27 декември 2020 година како и во дополнителен термин на 11 јануари 2021 година за кандидатите што се наоѓаа во изолација поради Коронавирусот. Од вкупно 368 (триста шеесет и осум) кандидати кои имаа право да го полагаат квалификацискиот тест, истиот успешно го положија 330 (триста и триесет) кандидати и се стекнаа со право да го полагаат психолошкиот тест, 26 (дваесет и шест) кандидати не го положија тестот, додека 12 (дванаесет) кандидати не се појавија на тестирањето.

По полагањето на квалификацискиот тест, кандидатите имаа право на увид во тестот и право на  приговор во однос на резултатите од тестот до Комисијата за приемен испит, па така незадоволните кандидати до Комисијата за приемен испит поднесоа вкупно 168 (сто шеесет и осум) приговори. Комисијата за приемен испит во целост уважи 6 (шест) приговори, делумно уважи 113 (сто и тринаесет) приговори, додека останатите 49 (четириесет и девет) приговори ги одби како неосновани.

Незадоволните кандидати во однос на Решенијата на Комисијата за приемен испит, понатаму имаа право на жалба до Управниот одбор на Академијата. По тој основ, до Управниот одбор беа поднесени вкупно 91 (деведесет и една) жалба против решенија на Комисијата. Управниот одбор на Академијата 1 (една) жалба уважи во целост, 13 (тринаесет) жалби уважи делумно, а останатите 77 (седумдесет и седум) жалби против Решенијата на Комисијата за приемен испит ги одби како неосновани.

 По завршување на постапката за одлучување по жалбите на кандидатите од страна на Управниот одбор, на ден 18.03.2021 година, а врз основа на одлуките на Комисијата и Управниот одбор, Академијата ја објави конечната ранг листа на кандидатите од полагањето на квалификацискиот тест по приговори и жалби бр. 08-310/3 од 18.03.2021 година.

  1. Полагањето на психолошки тест се спроведе на деновите 27 и 28 февруари, како и во дополнителениот термин 14 март за кандидатите што се наоѓаа во изолација поради Коронавирусот. Од вкупно 330 (триста и триесет) кандидати кои имаа право да го полагаат психолошкиот тест, тестот го полагаа 303 (триста и три) кандидати, а 27 (дваесет и седум) кандидати не се појавија на тестирањето. Од кандидатите кои го полагаа психолошкиот тест, 290 (двеста и деведесет) кандидати добија оцена „задоволува“, односно стекнаа право да го полагаат тестот за интегритет, додека 13 (тринаесет) кандидати добија оцена „не задоволува“ и не се стекнаа со право да го полагаат тестот за интегритет.
  2. Полагањето на тест за интегритет се спроведе на 27 и 28 март 2021 година, како и на ден 10 Април 2021 година за кандидатите што се наоѓаа во изолација поради Коронавирусот. Од 290 (двеста и деведесет) кандидати кои со полагање на психолошкиот тест се стекнаа со право да го полагаат тестот за интегритет, 279 (двеста седумдесет и девет) кандидати го полагаа тестот 263 (двеста шеесет и три) го положија тестот за интегритет (од кои 205 (двеста и пет) кандидати добија оценка „задоволува“ и 58 (педесет и осум) кандидати добија оценка „делумно задоволува“), додека 16 (шеснаесет) кандидати добија оценка „не задоволува“ и не се стекнаа со право да го полагаат испитот.
  3. Последната фаза од приемниот испит беше Полагање на испитот (кој се состои од писмен (практичен) и устен дел). Пред полагањето на писмениот дел од испитот, Владата на РСМ го раскина договорот со фирмата „ИНВОКА ГРОУП ДООЕЛ“ која беше задолжена за хостингот на електронските испити на Академијата и други државни институции. По настанувањето на проблемот, Академијата вложи големи напори за решавање на настанатиот проблем и овозможување на непречено полагање на писмениот дел од испитот. Врз основа на поднесено барање од страна на Академијата, Владата на 67-та седница одржана на ден 27.4.2021 донесе Заклучок, во кој истата се обврзува да спроведе интервентна набавка исклучиво за оваа последна фаза од приемниот испит преку која ќе се овозможи финализација на полагањето во најбрз можен рок.

На овој начин се овозможи продолжување на полагањето на приемниот испит за VIII-та генерација на слушатели во почетна обука и не дојде до целосен застој и чекање на склучување на нов  групен договор за јавна набавка за одржување на софтвер за полагање на испити во државните институции кои се склучи дури во ноември 2021 година, што ќе го одложеше конечното објавување на конечните листи за дополнителни 9 (девет) месеци.

По спроведената набавка се продолжи со полагањето на писмениот испит во периодот од 30 мај 2021 година до 02 јуни 2021 година, додека усниот дел од испитот се полагаше од 05 до 14 јуни 2021 година. Од 263  (двеста шеесет и три) кандидати кои успешно ги положија сите фази од испитот и имаа право да го полагаат писмениот дел од испитот, 251 (двесте пеесет и еден) кандидат го полагаа писмениот дел од испитот а 12 (дванаесет) кандидати воопшто не се појавија на полагањето, додека пак  усниот дел го полагаа 229 (двеста дваесет и девет) кандидати, 19 (деветнаесет) кандидати не се појавија на усното полагање, а 3 (три) кандидати се откажаа на самиот испит.

По завршувањето на полагањето на испитот, Комисијата за приемен испит на 14 јуни 2021 година ја објави Прелиминарна Ранг листа од испитот бр.08- 443/4 од 14.08.2021 година. Согласно член 88 од Законот за Академијата, кандидатите против прелиминарната ранг листа до Комисијата за приемен испит поднесоа 104 (сто и четири) приговори, од кои Комисијата 6 (шест) приговори уважи во целост, 18 (осумнаесет) приговори уважи делумно, додека останатите 80 (осумдесет) приговори ги одби како неосновани. Против Решенијата на Комисијата за приемен испит до Управниот одбор беа доставени 56 (педесет и шест) жалби, а Управниот одбор делумно уважи 2 (две) жалби, а останатите 54 жалби ги одби како неосновани.

По завршување на постапката по приговори и жалби до Комисијата за приемен испит и Управниот одбор на Академијата, Комисијата за приемен испит на 64-та седница, одржана на 27.07.2021 изврши увид и проверка во бодирањето и вкупно освоените бодови по приговори и жалби, со што ја утврди Прелиминарна листа од квалификацискиот тест и испитот (писмен и усмен дел) број 08-508/3, а воедно во интерес на транспарентноста ги објавува и прелимарните ранг листи по освоени бодови во досегашната фаза по заедници и тоа за Македонци, Албанци и останати заедници.

Во однос на распоредот на местата на слушателите во почетна обука по заедници, Управниот одбор на ден 19.07.2021 година, согласно член 9 и член 13 алинеја 21 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители  и согласно член од  42-а од Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев донесе Одлука за утврдување на посебни квоти за припадниците на заедниците што не се мнозинство во Република Северна Македонија. Па така земајќи ги во предвид официјалните податоци добиени од Државниот завод за статистика, за процентуалната застапеност на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија, согласно последниот попис на населението, па така од вкупниот огласен број за 97 (деведесет и седум) слушатели на почетна обука, од кои покрај 62 (шеесет и два) слушатели кои се од редот на македонците, се определија: – 24 (дваесет и четири) слушатели од редот на кандидатите од албанската етничка заедница; –4 (четири) слушатели од редот на кандидатите од турската етничка заедница; –3 (три) слушатели од редот на кандидатите од ромската национална заедница; –2 (два) слушатели од редот на кандидатите од српската етничка заедница; – 1 (еден) слушател од редот на кандидатите од влашката етничка заедница и – 1 (еден) слушател од редот на кандидатите од бошњачката етничка заедница. Притоа Управниот одбор согласно член 42-а став 5 од Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители предвиде дека доколу во определените квоти не се јават доволен број кандидати кои ги исполнуваат законските услови или не го положиле приемниот испит, слободните места од одредена заедница се пополнуваат од останатите кандидати кои ги исполнуваат условите според рангирањето на нивната завршна оценка, односно според успехот од конечната ранг листа.

                    Од страна на кандидатите до Управниот суд против Решенијата на Комисијата за приемен испит и Управниот одбор на Академијата, беа поднесени вкупно  46 (четириесет и шест) тужби до Управниот суд, од кои правосилно без жалба  со Пресуда на Управниот суд завршија 26 (дваесет и шест) предмети. Против 20 (дваесет) Пресуди на Управниот суд беа вложени жалби до Вишиот Управен суд и истите се завршени правосилно. Управно- судската постапка траеше вкупно 9 ( девет) месеци.

                    По правосилното завршување на сите управно- судски постапки со кои беа заштитени кандидатите, Академијата врз основа на член 9 и член 90 став 2 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители („Службен весник на РМ“ бр.20/2015, бр.192/15, бр.231/15 и бр.163/2018)  и член 42- а од Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ ( „Службен весник на РМ“ бр.56/2015, бр. 205/18 и бр.115/2019) ја објавува листа на положени кандидати со освоени бодови на приемниот испит и ранг листата на примени слушатели во почетна обука на Академијата по заедници, со име и презиме на кандидатите.

Со почит,

Академија за судии и јавни обвинители

Директор

Проф. Д-р Наташа Габер Дамјановска